• недела, 24 ноември 2024

Филмот „Кајмак“ на Манчевски прогласен за најдобар филм на фестивал во Црна Гора

Филмот „Кајмак“ на Манчевски прогласен за најдобар филм на фестивал во Црна Гора

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Филмот „Кајмак“ на македонски режисер Милчо Манчевски, две години по светската премиера е прогласен за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал Фортеца во Црна Гора, кој заврши на 30 јули, соопшти Банана филм.

Овој мал, но реномиран фестивал кој се одржува во живописниот историски град Пераст, е содружник со познатиот БаНеФФ од Стокхолм, Шведска, се наведува во соопштението, а за „Кајмак“ оваа меѓународна награда е осма по ред досега.

-Баш ми мило за „Кајмак“, си гази без гајле - локалната филмска мафија се утепа незаконски да нѐ блокира, а ние си редиме меѓународни награди, кај што они не ни припариле”, изјавил Манчевски.

-„Кајмак” е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите - од неодамна во Шпанија, Португалија, а претходно и во Мексико, Аргентина, Бразил и Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска,  Хрватска... Процесот на пласман продолжува и натаму, потсетува Банана филм.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 година, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

-„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија во 2022 година. Македонската Агенција за филм сè уште незаконски ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународната Федерација на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International, наведува Банана филм во соопштението. ир/ац/

Фото: Банана Филм

Остани поврзан