Филков: Не смееме да дозволиме жртвите од кривични дела со насилство да остануваат без заштита, а насилниците да останат неказнети
- Родовата рамноправност не е само морална вредност. Таа е основен столб на современото правно и демократско општество. Оваа концепција е вградена во бројни законски и подзаконски акти, но, за да биде целосно реализирана, мора да ја практикуваме без компромиси, без стереотипи и без предрасуди. Нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец. Ова го истакна министерот за правда Игор Филков во обраќањето на Третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, што започна денеска во Скопје. Тој подвлече дека загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Родовата рамноправност не е само морална вредност. Таа е основен столб на современото правно и демократско општество. Оваа концепција е вградена во бројни законски и подзаконски акти, но, за да биде целосно реализирана, мора да ја практикуваме без компромиси, без стереотипи и без предрасуди. Нема напредок во општеството без почитување на основните човекови права на секој поединец.
Ова го истакна министерот за правда Игор Филков во обраќањето на Третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, што започна денеска во Скопје. Тој подвлече дека загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права.
-Ние сме една од првите земји кои во 2011 година ја потпишаа Истанбулската Конвенција. По нејзината ратификација во 2018 година, ги направивме првите законски измени кои го криминализираат родово базирано насилство и ја воведуваат новата квалификација за фемицид, со предвидени строго дефинирани казни. Кривичниот законик веќе е изменет и усогласен со Истанбулската конвенција. За кривичното дело, убиство – фемицид, предвидена е најмалку десет години затворска казна или доживотен затвор при вршење на родово-базирано насилство, рече министерот за правда.
Според него, постигнат е напредок и со носењето на Законот за исплата на паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство. Со ова се спречува секундарна виктимизација како дополнително страдање на жртвите, од кои најголемиот дел се жени. Во октомври 2024 година, потсети тој, отворена е и канцеларијата на Комисијата за паричен надомест на жртви од кривично дело со насилство, која успешно функционира и ги процесира постапките.
- Секој случај на родово базирано насилство, секој случај на фемицид е трагедија која мора да не поттикне да дејствуваме побрзо и посилно. Нашата заложба е јасна: нема да дозволиме системски пропусти. Не смееме да дозволиме жртвите да остануваат без заштита, а насилниците да останат неказнети. Правосудството, обвинителствата и сите релевантни институции мора да бидат насочени кон ефективен и решителен пристап, со силен акцент на сериозноста на овие дела и нивното општествено влијание. Затоа, Министерството за правда ќе продолжи да вложува во правниот систем, за да обезбеди вистинска заштита за сите жртви и ќе продолжиме да работиме на унапредувањето на пристапот до правда, потенцира министерот Филков.
Форумот е организиран од АИРЕ Центарот (AIRE Centre), во партнерство со Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Британската амбасада во Северна Македонија. Покрај министерот Филков на отворањето на форумот се обрати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, и Каролин Зиадех, специјална претставничка на генералниот секретар на ОН и шефица на Мисијата на ООН во Косово. вг/лв/
Фото: Министерство за правда