• вторник, 26 ноември 2024

Филип Ламбертс именуван за советник на Фон дер Лајен за климатска транзиција 

Филип Ламбертс именуван за советник на Фон дер Лајен за климатска транзиција 

Брисел, 25 ноември 2024 (МИА) - Поранешниот копретседател на групата на Зелените во Европскиот парламент, Филип Ламбертс е ангажиран како советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со задача да и помага при транзицијата кон климатско неутрална економија. 

Како што соопшти ЕК, со своето огромно искуство и врските во политиката, меѓународните односи и деловната заедница, 61-годишниот Белгиец ќе има советодавна улога во исполнувањето на климатските цели на ЕУ до 2030 година и во постигнувањето климатска неутралност до 2050 година.  

Ламбертс, според ЕК, ќе придонесе за пристап до различните засегнати страни, како политичките актери, администрацијата  и ранливите групи, и за градење мостови меѓу бизнисот и граѓанското општество, во остварувањето на климатските цели на ЕУ. 

- Тој ќе внесе нови трендови и иновации од општеството и бизнисот во креирањето политики, особено во сегашниот контекст од најголема важност за подобро објаснување на транзицијата, имплементацијата на постојното законодавство на поедноставен начин и обезбедувањето дека никој нема да биде оставен на страна, се наведува во соопштението. 

Според ЕК, Ламбертс тесно ќе соработува со Фон дер Лајен, нејзиниот кабинет, ресорните еврокомесари и генералните директорати на ЕУ и ќе биде поддржан од мал експертски тим. 

Во врска со именувањето на Ламбертс, Фон дер Лајен истакна дека во сегашниот мандат имала конструктивна соработка со групата на Зелените, како и дека тие одиграле важна улога во обезбедувањето проевропско мнозинство на нејзиниот реизбор за претседателка на ЕК.  

- За мене, групата на Зелените е дел од проевропското мнозинство во Европскиот парламент, како платформата со која сакам да продолжам да работам, на теми како остварувањето на нашите климатски цели, Договорот за чиста индустрија, намалувањето на бирократијата и глобалниот ангажман, порача Фин дер Лајен. 

Според неа, како некој кој е почитуван во партиските и секторските кругови, Ламбертс ќе биде доверлив градител на мостот меѓу сите засегнати страни, со цел ЕУ да продолжи да напредува на патот кон остварувањето на климатска неутралност. сп/ 

Фото: ФБ 

Остани поврзан