• четврток, 26 декември 2024

Филипче: 13 илјади брзи тестови од донација од утре ќе бидат дистрибуирани во сите пунктови

Филипче: 13 илјади брзи тестови од донација од утре ќе бидат дистрибуирани во сите пунктови
Скопје, 1 ноември 2020 (МИА) - Во Министерството за здравство утре ќе пристигне донација од 13 000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19. Тестовите ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде се врши тестирањето. Ова вечерва го истакна министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на телевизијата Сител. - Тринаесет илјади брзи тестови следната недела ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде што се прават тестирања. Тоа се брзи тестови кои што се готови за 15 минути, тоа се најновите тестови, најновата технологија, со тоа уште повеќе се зголемува капацитетот на сите државни лаборатории и тоа ќе стане и редовна пракса на тестирање, рече министерот Филипче. Посочи дека добиле голема сума пари со ребалансот на буџетот близу 40 милиони денари и ќе набават близу 100.000 тестови во следниот период за да одговорат на сите потреби. Во врска со тоа дали нема повеќе да се чека шест до седум дена да се добие тест дури и кога некој има симптоми, рече дека кога имало потреба од итност никој не чекал, болниците имаат апарати за брзи тестови и веднаш реагирале. - Тие кои имаа индикација за брз тест веднаш беа препраќани во болнички установи или во Институтот за јавно здравје, каде има апарати за брзи тестови. Токму затоа и ова надополнување на тестови кое почнува од средината на неделава, од вторник, среда, сите тестови кои ги добивме со донација ќе бидат веќе дистрибуирани по сите пунктови, потенцира Филипче. На прашање дали има потреба да се искористат капацитетите на приватните лаборатории и државата да ги рефундира средствата, посочи дека за тоа размислувале изминатата недела, но значаен број дополнителни термини се ослободиле во државните лаборатории. - Приоритет ќе биде времето за кое ќе се стигне до тестот посебно на тие пациенти кои имаат индикација за брз тест. Ќе видиме како ќе биде системот со закажување и исполнување на термините посебно со брзите тестови и верувам дека до крајот на оваа недела ќе имаме јасна слика дали треба да ангажираме дополнителни капацитети од лаборатории кои се акредитирани од страна на специјалната комисија од Комисијата за заразни болести, рече Филипче. Во врска со носењето маска на отворено рече дека кога е можно да се влезе во група луѓе и заради кашлање и кивање може случајно да се влезе во близок респираторен контакт тогаш маската штити од трансмисијата на вирусот. - Со маската се штитите себеси и од студеното време кога треба секој да внимава на своето здравје и од загадувањето. Верувам дека сега со овие мерки, маски задолжително на отворено, немање можност да групирање, економските оператори кои работат, вклучително и угостителските објекти со соодветни протоколи ќе дадат резултат, додаде Филипче. рп/

Остани поврзан