• среда, 04 март 2026

Филипче: Членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерски и државнички политики на СДСМ во изминатите децении

Филипче: Членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерски и државнички политики на СДСМ во изминатите децении

Скопје, 3 март 2026 (МИА) - Членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерски и државнички политики на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении - изјави денеска на прес-конференција во Собранието претседателот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава.

- Имавме можност да го слушнеме неговото обраќање во Собранието. Би рекол дека членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерски и државнички политики на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении. Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно ние може да се чувствуваме безбедно, нашите граници се загарантирани. Поради тоа што, благодарение на тие политики, сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот. Колку е тоа важно, гледаме сега, особено во овие кризни времиња кога на повеќе места во светот има војни - истакна тој.

Филипче рече дека Руте во своето обраќање упатил јасни пораки до Владата.

- Пораката кон Владата сметам дека е јасна. Повеќе оваа Влада ништо не може да скрие, а тоа е дека имаме еден вицепремиер, кој негува отворени врски со Русија, а тоа е вицепремиерот Стоилковиќ. Вториот човек во Владата се среќава со „ноќните волци“, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Путин, агресорот во Украина - нагласи, меѓу другото, Филипче.

Ова е, рече претседателот на СДСМ, сериозен сигнал дека нашиот одбранбен чадор, раководството на алијансата, знае точно какви политики води нашата Влада и укажува на тоа јасно и отворено во нашиот парламент. бд/вг/

Фото: МИА 

Остани поврзан