• среда, 27 ноември 2024

Филипче: Се координираме со соседите за отворање на границите, најверојатно нема да се бараат тестови

Филипче: Се координираме со соседите за отворање на границите, најверојатно нема да се бараат тестови
Скопје, 27 мај 2020 (МИА) - Во моментов правиме координација на ниво на околните земји, во секојдневна комуникација сме со Албанија, Грција и Бугарија во однос на тоа како ќе се одвива отворањето на границите. Еден од предлозите е од следната недела да се отвори патувањето за членови на фамилија или од службен, економски интерес, во рамките на овие земји, а понатаму во периодот кој следи, по 15 јуни, границите и целосно да се отворат, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Во тек е, вели Филипче, дискусија за тоас дали е потребно да има тестирања на лицата кои ќе патуваат преку граница. - Многу веројатно дека нема да се бараат тестови заради тоа што не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност. Претставува некаква сигурност ако е во комбинација со домашната изолација или карантините. Но, имајќи предвид дека ако се отворат границите и голем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да биде само меѓу луѓето во регионот и нема да бидат посети од една во друга земја, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла, рече Филипче во емисијата Топ тема на ТВ Телма. Во однос на изборите, Филипче вели дека во ниту еден момент тие не биле земени како предмет врз основа на кој се анализирале бројките или се правеле калкулации или се предложувале мерки. - Впрочем и сега во ниту еден момент не беше побарано од Комисијата за заразни болести да каже дали треба или не треба да има избори, туку беше побаран стручен протокол како ако се одржат изборите тие треба да се спроведат и ние тоа го направивме, истакна министерот. Тој вели дека многу од дијагностицирани се дел од веќе познати кластери што им дава за право да кажат дека епидемијата е под контрола. Додаде дека причина за нивно заболување е најчесто непочитување на мерките за дистанца и носење маска, особено при користење јавен превоз. мс/са/        

Остани поврзан