• среда, 25 декември 2024

Филипче: Притисокот кон болниците се намалува, но сè уште сме многу внимателни

Филипче: Притисокот кон болниците се намалува, но сè уште сме многу внимателни
Скопје, 1 декември 2020 (МИА) - Притисокот кон болниците се намалува, но сè уште сме многу внимателни. Тоа што сега се случува кај нас е на некој начин едно намалување на притисокот на пациенти кон болниците. За разлика од почетокот на ноември, сега е речиси еднаков бројот на испишани и новопримени пациенти, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче. На гостувањето во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21, Филипче посочи дека факторот на преносливост сега е некаде 1 и дава за право да се каже дека ситуацијата се смирува, но оти далеку сме од тоа дека може да се каже дека ситуцијата стивнува, бидејќи вирусот многу пати досега покажал дека е непредвидлив. Во однос на зголемениот број смртни случаи, Филипче рече дека бројот е зголемен, но не само кај нас, туку и во земјите од регионот. И според директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ, очекувано е бројот на смртни случаи да биде поголем со оглед на бројката на новодијагностицирани и бројот на хоспитализирани пациенти.
- Ако ги следите и светските трендови ќе видите дека со зголемувањето на бројот на нови случаи и пополнувањето на капацитетите, бројот на смртни случаи расте. Она што ние го правиме е максимална транспаретност и отвореност кон јавноста во однос на секоја бројка, па и бројката на смртност. Се соочуваме со исклучително тешки пациенти на самиот прием кога е навистина тешко да се помогне и да се спаси пациентот, но исто така и гледаме пациенти кои се добро следени и лекувани по осум недели и на крај сме ја изгубиле битката за секунда, рече Стефановиќ.
Двајцата нагласија дека на ниту еден пациент не му е скратено правото да добие соодветна нега.
Во однос на типот на лекување, министерот Филипче посочи дека нема специфична терапија, туку се прави комбинација на лекови. - Сè уште е ова болест, која се лекува со комбинација на лекови врз основа на симптомите кои ги дава пациентот, рече Филипче. За гужвите пред болниците и тријажните центри, министерот рече дека гужвите не се затоа што некој не работи, туку едноставно зошто лекарите не можат да постигнат. - Затоа треба и разбирање. Се менаџира сето тоа. Знаело да се направи гужва и порано во нашите амбуланти за други работи, рече Филипче. За приватните клиники и нивното вклучување во третманот на пациентите, министерот посочи дека заеднички е договорен капацитетот од 100 болнички кревети, кој веќе се подготвува. - Во овој момент не е потребен, но треба да биде на стенд бај. Се завршуваат некои финални работи. Тоа ќе биде на располагање на државата и ќе направиме распоред во зависност од притисокот кон сите јавноздравствени установи, истакна Филипче. аа/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан