• четврток, 05 февруари 2026

Филипче: Преку ребаланс може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати

Филипче: Преку ребаланс може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Вторпат го поднесуваме законот за минимална плата од 600 евра бидејќи тоа се темели на реалните потреби на работниците и во услови кога цените неконтролирано растат, а синдикалната кошничка надминува 66.000 денари - изјави денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

- Барањето што го слушнавме на протестот на Сојузот на синдикатите за минималната плата е сосема на место, соодветно, и се темели на реалните потреби на работниците. Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. Вторпат го поднесуваме, првиот пат беше на крајот на 2024 година, тогаш власта го одби и тука на површина излегува континуитетот на нашите политики - рече тој.

Според него, минималната плата за време на мандатот на СДСМ континуирано растела, а синдикалните протести тогаш, или најавите за протести, биле поддржувани од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

- Затоа ќе го кажам и нашиот предлог како да се стигне до парите што се потребни за да се зголеми минималната плата и со тоа да се обезбеди достоинствен живот на работниците. Според законот што го поднесовме, а што произлегува од нашата пресметка, потребни се 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра. Вкупните буџетски расходи за 2026 се планирани на рекордни 365,5 милијарди денари, што е историски највисоко ниво. А имајќи предвид дека не се прави ништо за доброто на работниците, очигледно е дека огромниот процент од овие пари ќе оди за комоција на власта и за ништо друго. И за партизирање на администрацијата, односно вработување партиски војници со договор на дело, кои секојдневно ги гледаме во министерствата - оцени Филипче.

Тој додаде дека во првата ставка категорија 42 од буџетот, стоки, и каде што се планирани 27,5 милијарди денари, влегуваат патни дневни расходи, договорни услуги, репрезентации, ручеци, нови автомобили, мебел, комфор за функционерите од власта.

- Ако се скрати помеѓу 20-30 отсто од оваа категорија, се стигнува до сума од 5,5-8 милијарди денари, односно од 90 до 130 милиони евра. И веќе тука се задоволуваат потребите за зголемување на платите на работниците. Имајќи предвид дека со формираа нови министерства, дека кабинети се опремуваат се вработуваат луѓе повторно по партиски клуч, имаме категорија 46 - субвенции трансфери, ставка 464, разни трансфери, која е тешка 22 милијарди денари, од кои со 20-ина проценти кратење да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра - рече тој.

Според него, само во две категории, 46 и 42, може да се обезбедат помеѓу 130 или 205 милиони евра.

- Тоа е сосема доволна сума пари. Првин да се зголемат платите на работниците до 600 евра и одам чекор понатаму, да се излезе во пресрет на барањето и потребата на приватните компании да се субвенционираат придонесите за празните осигурувања со цел и приватните компании да им ги зголемат платите на работниците, без да имаат дополнителен товар во плаќање на придонесите. Нека дадат предлог за ребаланс, веднаш ќе го поддржиме во Собранието - посочи Филипче.

Тој исто така оцени дека не се спроведуваат реални реформи во земјата.

- Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи ниту се прават потребните чекори да се фати возот за ЕУ, на кој веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна Гора веќе го пишува договорот за пристап во ЕУ, веќе се затвораат сите поглавја. Тоа што нема желба оваа Влада да се направат вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите во сите инстанции во правосудството, обвинителството, судии и така натаму, е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму. Силното влијание на премиерот Орбан на Унгарија се гледа секој ден - рече тој. нд/са

Фото: СДСМ

Остани поврзан