Филипче: Нема одговор како пет тона дрога поминале преку граница
- Тоа што оваа Влада постојано го прави е дефокус, а никој од власта не одговара на главното прашање, како пет тона дрога завршиле во Србија, истакна денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Скопје, 10 февруари 2026 (МИА) – Тоа што оваа Влада постојано го прави е дефокус, а никој од власта не одговара на главното прашање, како пет тона дрога завршиле во Србија, истакна денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, останува нејасно на кој начин дрогата ја поминала границата покрај сите гранични служби, притоа наведувајќи царина и полиција како институции што се дел од процесот на контрола.
-Нема одговор како таа дрога ја поминала границата. Дали ги гледале пратките, барале ли документи. Тоа се три-четири шлепери. Никој не одговара на главното прашање, со чиј амин. Кој затворил очи на царина и во полиција, додаде Филипче.
Мерките што се најавуваат за истрагата, според него, не треба да бидат заменети со, како што рече, „дефокус“ од суштината.
Претседателот на СДСМ, меѓу другото, рече дека партијата во наредните недели ќе предложи повеќе законски решенија насочени кон олеснување на трошоците на граѓаните. Едно од предлозите, најави тој, ќе биде и законско решение за намалување на цените на патарините.
-Во следните недели ќе излеземе со предлог закони од повеќе области, со што во еден од нив ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните, рече Филипче.
Тој оцени дека патарините во земјава се „неразумно високи“ и дека не се споредливи со оние во регионот и Европа.
-Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример, појасни Филипче. бк/са/
фото: СДСМ