• понеделник, 18 ноември 2024

Филипче: Обвинувањата за нелегитимноста на процесот се некоректни и навреда за членовите на СДСМ

Филипче: Обвинувањата за нелегитимноста на процесот се некоректни и навреда за членовите на СДСМ

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - Сметам дека е навреда на членовите некој да смета дека некој може да им влијае на тоа како ќе гласаат, рече новиот претседател на СДСМ Венко Филипче во врска со обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен. Во вечерашната Топ Тема на Телма, Филипче ваквите обвинувања ги нарече некоректни и потценување на членовите на СДСМ.

-Впрочем сите противкандидати загубија и во своите матични општински организации. И јас ја разбирам таа ситуација. Знам дека се и емоции во прашање, беше кампања, избори, имаат луѓето различни очекувања. Јас сум човек кој има многу широк демократски капацитет, подготвен сум да трпам критики, под влијание на критики и други мислења да направам една широка платформа, рече Филипче.

Тој ги повтори информациите соопштени од партиската централна изборна комисија, дека имало 51 приговор, од кои биле прифатени само седум.

-Тоа е една бројка на луѓе којашто апсолутно не може да го смени крајниот резултат. Сметам дека е некоректно тоа да се прикажува во јавноста како некоја дамка на целокупниот процес којашто треба да се провлекува и понатаму во оваа ситуација во која имаме многу поважни работи. Сметам дека резултатот претставува една убедлива разлика, навистина не сметам дека е коректно да се фрла дамка не само на процесот, туку и да се биде некоректен и кон членовите коишто излегоа и го дадоа својот глас, рече Филипче.

Тој се осврна и на малиот број пријавени партиски членови за гласање на внатрешните избори. Нешто повеќе од 20.000 членови се регистрирале за изборите од вкупно 80.000 членови колку што има СДСМ. Според Филипче, тие уште во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори ставиле до знаење како се чувствуваат.

-Ние се соочивме со ситуација и сценарио во којашто околу 20.000 членови се регистрираа за да гласаат, и тоа споредено со 80.000 членови е значителна разлика. Меѓутоа за време на кампањите, за време на разговорите изминатите месеци за време на претседателската кампања и за време на парламентарната кампања луѓето ја изразуваа својата разочараност и многу отворено кажуваа зошто или нема да излезат на гласање и ќе ги бојкотираат изборите, или, пак, ќе одат и ќе го дадат гласот за некој друг политички субјект. Таа бројка на регистрирани гласачи, наши членови, не треба да не изненадува, истакна Филипче.

Тој порача дека најсложената операција во целокупниот овој систем ќе биде реформа на менталитетот во СДСМ. Според него, во партијата има една генерално лоша внатрешна комуникација помеѓу луѓето и една таборизација и поради тоа предлага многу почести средби на раководството со членството низ општинските организации. 

-Како претседател на СДСМ ќе ја водам партијата со целокупниот мој личен интегритет, јас ќе ги носам одлуките, а тоа е поради тоа што одговорноста за целокупната работа на СДСМ и за сите членови е само моја, нагласи тој.

Како што потенцира Филипче, негова цел ќе биде резултат да биде видлив и веќе на следните избори за 9 месеци ќе освои уште повеќе гласови од сега. нд/вј/ 

Фото: МИА архива

 

 

 

 

 

Остани поврзан