• среда, 25 декември 2024

Филипче: Етнизирањето на науката не носи квалитет

Филипче: Етнизирањето на науката не носи квалитет

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) – Етнизирањето на науката не носи никаков квалитет, а дисперзија на научни институции би значело дополнително намалување на квалитетот на науката. Вака лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја коментираше иницијативата на Коалицијата „Вреди“ за формирање на албанска академија на науки и уметности. 

Во одговор на новинарско прашање денеска на прес-конференција во Собранието тој рече дека за да има некаков прогрес во науката би требало да се зголемат средствата посветени кон научно-истражувачката дејност, додека формирање на албанска академија на науки и уметности би значело само намалување на квалитетот на науката.

– Најостро го осудуваме етнизирањето на науката, сметаме дека тоа не носи апсолутно никаков квалитет. Впрочем дополнителна фрагментација и дисперзија на некакви такви научни институции може само дополнително да го намали квалитетот на науката. Вистинска инвестиција во науката би значело зголемување на парите посветени пред се во научно-истражувачката дејност поради тоа што тоа е начинот кај нас за да може науката да има некаков прогрес, рече Филипче. 

Издвојување на средства од општинските буџети за формирање на албанска академија на науки и уметности е незаконито, посочи Филипче и доколку има такви дејствија од страна на општините кои најавија дека ќе ја поддржат ваквата иницијатива, Министерството за финансии треба да ги блокира тие буџети.

– Во нашето толкување на законите за локална самоуправа не гледаме законска можност за тоа што го најавија општините како Тетово и Гостивар, дека тие може тоа да го прават. Затоа ја повикуваме министерката за финансии, доколку има најава за некакво незаконско трошење на буџетите, односно за нешто за што тие немаат дозвола, тие буџети да се блокираат, рече Филипче.

За назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Филипче рече дека претставува партиско киднапирање на најсериозните институции во сферата на безбедноста.

– Она што премиерот и Владата го направија со назначување на новиот директор на АНБ е во еден манир на диктаторство со што направија партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата за безбедноста, а тоа е Агенцијата за национална безбедност. Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори. АНБ стана институција во која работат одлични професионалци за којшто назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување, рече Филипче. 

Тој најави дека партијата ќе ги извести сите стратешки партнери и ќе побара соодветно мислење и реакција од нивна страна и истовремено ја повика претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова да го запре најавеното спојување на АНБ со Агеницијата за разузнавање.

– Ја повикувам и претседателката Сиљановска – Давкова, да заземе свој став и да го запре најавеното фузионирање на АНБ со Агенцијата за разузнавање. Да не се откажува од нејзините ингеренции поради тоа што има ваква најава за партизација на оваа институција. Тоа значи дополнително зголемување на капацитети на АНБ, кога би се фузионирала според најавите на премиерот. Ќе биде тоа една многу гломазна институција којашто тешко ќе се контролира, како што впрочем видовме во едно минато време 2016 за што и како се користеше, рече лидерот на опозициската СДСМ. ра/ац/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан