• среда, 18 декември 2024

Филипче: Најавувам интензивна работа на Националниот совет за реформската агенда

Филипче: Најавувам интензивна работа на Националниот совет за реформската агенда

Скопје, 11 декември 2024

Главна функција на Националниот совет за евроинтеграции е да биде и контрола на Владата за сите европски процеси, но и да нуди конструктивна соработка. Во таа насока, најавувам дека Советот ќе одржува многу чести седници, а неговата работа ќе биде инклузивна, транспарентна и отворена за секој кој има волја и желба ќе може да се приклучи и да даде свој придонес за стратешките прашања. 


Ова го истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој е претседател на собранискиот Национален совет за евроинтеграции. Филипче денеска имаше свое обраќање на Седмата пленарна Конференција на националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.


„Европската агенда ќе биде приоритет за моето претседавање со Националниот совет за евроинтеграции. Совет е вистинското место за консултации и редовна комуникација на реформската агенда, посебно за обезбедување на демократската контрола на спроведувањето на овие процеси“, потенцира Филипче. 


Филипче се осврна и на комплексните геополитички случувања во Европската Унија – изборите во Германија, најавата за нови избори во Франција,понатаму војната во Украина, како и изборите во САД и кризата на Блискиот Исток што можат на влијаат на севкупните процеси во ЕУ, но истакна дека и во минатото, во кое исто така постоеле кризи, земјава успеала да се задржи на нејзиниот евроинтегративен пат. 


„Истовремено, убеден сум дека и други политички фактори гледаат на Западен Балкан како целосно интегриран во Европа во иднина. Планот за раст за Западен Балкан е точно димензиониран со реформската агенда и што точно треба да направат земјите во Западниот Балкан за да ги приближат своите карактеристики со земјите членки на Европската Унија“, смета Филипче. 


Според претседателот на СДСМ, за поздравување е одлуката за вклучување на Северна Македонија во механизмот на ЕУ за владеење на правото кој ќе обезбеди јасна патека за следење и оценување на постигнатиот напредок во усогласување со стандардите на ЕУ, а сето тоа во насока на исполнување на демократскиот одредници за владеењето на правото неопходни за членството во ЕУ.


Во таа насока, СДСМ како најголема опозициска партија ќе ја даде целата поддршка на владината коалиција за спроведување на реформите во правосудниот систем коишто се темелат на препораките на оценската мисија и на реформската агенда. 


„Јасен е патот како треба да продолжиме напред, да се отвори најсложениот кластер од преговорите. За тоа да се случи потребна е одлука на политичките фактори за да се направат Уставните измени поради тоа што сметам дека сето друго е непотребно трошење на време“, рече Филипче.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ 

________________________________________________________________________________________ 

 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: СДСМ 

 

Остани поврзан