• вторник, 24 декември 2024

Филипче: Нападот на докторката во ГОБ „8 Септември“ крајно непочитување на здравствените работници

Филипче: Нападот на докторката во ГОБ „8 Септември“ крајно непочитување на здравствените работници
Скопје, 30 јуни 2020 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче го осуди вечерашниот напад на докторка во ГОБ „8 Септември“ од семејство на почината пациентка од КОВИД-19, оценувајќи дека тој чин е крајно непочитување на здравствените работници кои деноноќно се борат за секој човечки живот. Филипче истакнува дека е цврсто уверен дека  во случајот е постапено професионално и согласно протоколите и ги повикува надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно. -Вечерва во Градската општа болница „8 Септември“, докторка беше нападната од семејство на пациентка која по неколку дена болничко лекување почина од коронавирусот. Во случајот интервенираше полицијата која приведе неколку члена од семејството на починатата. Тие се обиделе насилно да го земат телото без да го спроведат соодветниот протокол за лица починати од ковид-19. Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата, напиша министерот во објава на Фејсбук. Овие луѓе, посочува министерот, со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. -Најостро го осудувам овој инцидент. Колегите кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани. Цврсто сум уверен дека тие постапиле професионално и согласно протоколите и ги повикувам надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно, стои во објавата.лв/вј/

Остани поврзан