• четврток, 26 декември 2024

Филипче: Контроверзните соопштенија создаваат сомнеж дека има политички договор Груби да ја напушти државата

Филипче: Контроверзните соопштенија создаваат сомнеж дека има политички договор Груби да ја напушти државата

Скопје, 25 декември 2024 (МИА) – Контроверзните соопштенија од страна на власта за тоа како Артан Груби ја напуштил државата ни дава за право да мислиме дека тоа е договорено, изјави денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче, одговарајќи на прашање зошто неговата партија смета дека има „политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“ за напуштањето на државата од Груби.  

Како што рече, прво било соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш и потоа дека не работеле камерите кои, рече, „знаеме дека не работат на батерии“. 

-Сето тоа граѓаните го слушаат и секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква позадина во сето тоа. СДСМ повеќепати во изминатиот период укажуваше дека има проблем во функционирањето на границата со Косово – бегството или „прошетката“ на Блерим Рамадани, потоа начинот на кој границата ја помина претседателот на Собранието, Африм Гаши, сега ова поминување на границата. Сето тоа се работи кои создаваат сомнеж дека има некаков договор, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која го критикуваше работењето на Владата во шесте месеци мандат. 

На прашање дали таков политички договор имало и за бегството на експремиерот Никола Груевски, кога СДСМ беше на власт, Филипче одговори дека немало „никаков договор“.

-ВМРО-ДПМНЕ во тоа време обвинуваше дека ние сме знаеле, а сега повторно не обвинува дека ние нешто знаеме, а не дека власта е крива. Тоа се тие двојни стандарди и играње со таа реторика кога нешто не им оди од рака, додаде лидерот на СДСМ.

Според Филипче, „недозволиво и скандалозно“ е што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) вчера донела одлука дека е ненадлежна за стекнатото образование на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Како што рече, ДКСК се повикала на „некакви документи и анализи направени од Државниот просветен инспекторат“. Поради тоа, рече, „одат чекор понатаму“ и сега го повикуваат Инспекцискиот совет и министерката за образование да интервенираат.

-Сите ги видовме дипломите на директорот на АНБ. И малите деца  видоа дека факултет е завршен за една година. Недозволиво е да помине таква одлука врз основа на некаква анализа на инспектори од ДПИ. Ја повикувам министерката за образование, одлична професорка по патологија на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што еден испит заради нејзината принципиелност се полагаше и по шест месеци. Сега да не „аминува“ одлука во која факултет може да се заврши за една година, рече Филипче, повикувајќи повторно да се направи анализа и повторно документите да се разгледаат од Антикорупциската комисија.

На прашање одговори и дека не сака да коментира за капацитетите на ДКСК зашто „не се сомнева дека таму работат професионалци“.

Прашан за став за мислењето на Јавното обвинителство за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски за случајот „Организатори на 27 април“, лидерот на СДСМ одговори оти сака да верува „дека сите органи во рамките на судската власт работат непристрасно и професионално“. 

-Сметам дека што помалку ние, политичарите, ги коментираме тие одлуки, толку ќе расте и довербата во судството, со тоа што тие треба да работат без никаков политички притисок. За жал, ние во овој момент гледаме нешто сосема друго, гледаме обиди за тотална партизација на судството, рече Филипче. 

Во однос на истрагата за криминал од Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ, кадар од СДСМ, тој одговори дека сите истраги треба да се водат професионално и да нема „никаква доза на партизација во постапките“.

Како што рече, во фер судење да се докажат обвиненија за криминал и да се почитува пресумпцијата на невиност, а не „да се жигосуваат луѓето претходно со политички изјави“. хс/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан