• четврток, 26 декември 2024

Филипче апелира да се почитуваат мерките: Влегуваме во очекуваниот есенски бран

Филипче апелира да се почитуваат мерките: Влегуваме во очекуваниот есенски бран
Скопје, 6 октомври 2020 (МИА) - Со денешната повторно висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран. Иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки, напиша министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
Министерот има разбирање, како што вели, дека сите се веќе заморени од епидемијата,  но дека најголем е заморот на здравствените работници кои седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола.
-Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период. Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лекување. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор, пишува Филипче на Фејсбук.
Посочува и дека рестрикции и мерки ќе се носат секогаш кога ќе се процени дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.
- Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се во сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За многумина препораките за одржување дистанца, носење маска и редовна дезинфекција се доволни мерки. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три, наведува Филипче.
По донесената одлука на Владата на денешната седница за поголеми овластувања на  инспекциите кон прекршителите на здравсѕвените протоколи, Филипче е уверен дека тие
ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани.  Но додава и дека ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании. -Затоа, уште еднаш апелирам, да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно. Заедно да го надминеме следниот период преку почитување на мерките без исклучок, повика Филипче на својот фејсбук-профил. хс/дма/

Остани поврзан