• среда, 27 ноември 2024

Физичка пресметка меѓу пратениците од власта и опозицијата во српското Собрание, седницата прекината

Физичка пресметка меѓу пратениците од власта и опозицијата во српското Собрание, седницата прекината

Белград, 25 ноември 2024 (МИА) - Седницата на српското Собрание на која се расправа за Предлог-буџетот за 2025 година е прекината поради инцидент, туркања и физичка пресметка на пратениците од владејачката коалиција и опозицијата, јави дописникот на МИА од Белград.

До инцидент дојде кога пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата дојдоа на говорницата држејќи транспаренти, по што имаше извици, меѓусебно туркање и фрлање хартии и вода.

Ситуацијата се смири по десетина минути, кога меѓу конфротираните страни се симна претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ и ги упати пратениците од владејачката коалиција на нивните фотелји.

Во исто време дојде до физички конфликт во галеријата на собарниската седница каде што пратениците на СНС го развија транспарентот „Жолтите крадци (ДС) сакаат војна, Србија сака работа“.

И пред говорницата продолжи туркањето и физичкиот контакт меѓу претставниците на власта и опозицијата, како и на некои министри. Прво дојде до туркање, а потоа и физичка пресметка меѓу Бојан Торбица од Движењето на социјалистите  (Вулин) и претседателот на ССП, Драган Ѓилас. За време на инцидентот во собранието се слушааа вувузели и свирежи.

После тоа, опозицијата внесе голем бел транспарент со „крвава рака“ во салата, кој го поставија пред говорницата, додека еден пратеник не се обиде да им го грабне транспарентот, по што повторно избувна конфликт.

По смирување на ситуацијата, пратениците од опозицијата го попречуваа презентирањето на предлог-буџетот на српскиот премиер Милош Вучевиќ на говорницата, кон која пријдоа неколку пратеници кои свиркаа и носеа транспаренти на кои пишуваше „рацете ти се крвави“.

Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, по инцидентите одреди пауза и ги повика пратеничките групи на консултации. об/

Остани поврзан