• петок, 27 декември 2024

Фидан – Муцунски: Турција е докажан пријател и НАТО сојузник на Северна Македонија (ДПЛ)

Фидан – Муцунски: Турција е докажан пријател и НАТО сојузник на Северна Македонија (ДПЛ)

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) – Турција цврсто ја поддржува Северна Македонија од осамостојувањето и непоколебливо ќе продолжи со тоа и во иднина, порача турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој се наоѓа во официјална посета на земјава. 

- Имавме интензивна агенда. Соработката, пријателска и сојузништвото со Македонија ги цениме многу. Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме сериозна намера да потпишеме Виш стратешки совет за соработка. Турција има цел да се зголеми билатералниот трговски обем на две милјарди долари и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава. Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички воени вежби, изјави Фидан по средбата со Муцунски.

Северна Македонија има посебно место за мене, нагласи Фидан, и верувам дека Отоманското наследство е значаен дел од културното наследство на оваа земја. Овие историски споменици кои се реставрирани со поддршка на нашите институции придонесуваат за зголемување на туристичкиот потенцијал на земјава. Фидан нагласи дека ќе продолжи со соработката во таа област. 

- Турската заедница во земјава силно не поврзува, слично како Камениот мост во Скопје. Сакаме да се развиваат односите помеѓу сите заедници и да се зачува оваа хармонија на Северна Македонија. За барањата за настава на мајчин јазик и инфраструктурни проекти на турската заедница, верувам дека новата Влада ќе има позитивен пристап. Воедно, верувам дека новата Влада ќе има чувствителен пристап во областа на борбата против тероризмот, на чело со ФЕТО, бидејќи тоа не е закана само за Турција, туку и за сите земји каде што е присутна. Очекуваме Северна Македонија да даде помоќна поддршка во борбата против ФЕТО, изјави Фидан. 

Балканот, според Фидан, има геостратешко значење и овој регион директно придонесува кон мирот и стабилноста на Европа. 

- Посакуваме да имаме мир и стабилност на целиот Балкан, тоа е основен приоритет за нас и како Турција сме активно вклучени во таа насока. Турција на Балканот секогаш има проактивен став и нашите заложби уште повеќе ќе ги зајакнеме, благодарение на соработката со Северна Македонија, земја која се наоѓа во срцето на Балканот, нагласи Фидан.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е домаќин на турскиот колега Фидан, на заедничка прес-конференција изјави дека Турција е наш докажан пријател и НАТО сојузник. Денешната посета, Муцунски ја оцени како значаен момент во билатералните односи, како и дека како прва посета на странски министер за надворешни работи од неговото стапување на функцијата, како што нагласи, е силна потврда за се поинтензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката замена доверба, партнерство и пријателство.  

- Традиционално добрите пријателски односи позитивно влијаат на зајакнувањето на економската соработка. Со Турција, наш партнер и НАТО сојузник, споделуваме заеднички погледи и грижи за безбедносни и други регионални закани. Посебно го запознав колегата со актуелните состојби во регионот, гледано од наша перспектива која е целосно свртена кон ЕУ реформскиот процес и побрза интеграција во ЕУ. Посебно го запознав со актуелната позиција на државата со ЕУ процесот, укажувајќи на фактот дека предвидливост во процесот на пристапување во ЕУ не е само процедурална работа, туку е камен темелник на нашата стабилност и напредок, изјави Муцунски. 

Од својата независност, посочи Муцунски, нашата држава можеше да се потпре на Турција како наш докажан пријател и поддржувач за остварување на нашите стратешки определби и цели.

-  Затоа би сакал да изразам убеденост дека ваквата пракса на редовен дијалог на високи политичко ниво ќе продолжи и во иднина. За што, верувам дека постои заедничка волја и верувам дека тоа ќе го направиме имајќи го предвид интересот на нашите граѓани, изјави Муцунски. 

Фидан, како што е најавено, ќе го посети и Собранието на РСМ каде ќе има средба со спикерот Африм Гаши. аа/бак/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан