• вторник, 24 декември 2024

Фидан: Победата на Трамп ја зајакна надежта за мир во Украина

Фидан: Победата на Трамп ја зајакна надежта за мир во Украина

Анкара, 11 ноември 2024 (МИА) - Надеждата за прекин на конфликтот во Украина се зголеми по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, оцени турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан за весникот „Милиет“.

- По победата на Трамп на изборите во САД, надежите за прекин на руско-украинската војна се зголемија. Ја поддржуваме територијалната целовитост на Украина, што е јасно од нашиот став во однос на Крим, истакна Фидан.

- Сепак, забележуваме дека оваа војна не носи корист на ниту една од страните – само предизвикува повеќе човечки загуби, уништување и финансиски трошоци. Овој факт им го објаснуваме на нашите американски и западни партнери и ја истакнуваме потребата од преговори меѓу завојуваните страни, рече турскиот министер за надворешни работи.

Фидан потсети дека Турција од првиот ден на конфликтот инсистира на дипломатско решение, пренесува Анадолија.

- Ги искористивме сите дипломатски можности за да ги доведеме страните на преговарачка маса. На почеток тоа го направивме во Анталија, а потоа и во Истанбул. На крајот од техничките преговори во Истанбул, бевме многу блиску до постигнување на мир, забележа Фидан.

Според него, Турција повторно е подготвена да игра улога на посредник во напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина.

Во однос на односите меѓу Анкара и Вашингтон, Фидан изјави дека „дијалогот на високо ниво, заснован на сојузничките односи меѓу земјите, продолжува и се развива без оглед на тоа кој е на власт“ во САД.

- Стратешкиот механизам, воспоставен за решавање на проблемите меѓу Турција и САД, исто така ќе продолжи да функционира, додаде Фидан. ссм/

фото: архива

Остани поврзан