• среда, 13 ноември 2024

ФИА вети дека ќе развие препораки во случај на екстремни временски услови

ФИА вети дека ќе развие препораки во случај на екстремни временски услови

Лондон, 10 октомври 2023 (МИА) - По трката во Формула 1 за Големата награда на Катар одржана минатиот викенд, Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) излезе со соопштение во врска со неповолните временски услови.

Организацијата истакна дека треба да се преземат дополнителни мерки за да се развијат препораки за такви ситуации.

- ФИА со загриженост забележува дека екстремната температура и влажност за време на трката за Големата награда на Катар во Формула 1 во 2023 година имаа влијание врз благосостојбата на возачите. Тие се елитни спортисти и не треба да се очекува да се натпреваруваат во услови кои би можеле да го загрозат нивното здравје или безбедност. ФИА започна со анализа на ситуацијата во Катар за да даде препораки за идни екстремни временски ситуации. Треба да се напомене дека следната година ГН на Катар е планирано да се одржи подоцна во годината кога се очекува температурите да бидат пониски. ФИА претпочита да преземе значителна акција сега за да избегне повторување на ова сценарио“, стои во соопштението на организацијата.

На трката за Големата награда на Катар, некои возачи се пожалија дека се чувствуваат лошо. Конкретно, возачот на Астон Мартин, Ленс Строл, призна дека ја изгубил свеста за време на трката, а Естебан Окон од Алпин рече дека му се слошило за време на трката поради високата температура.

Победник на трката, која се одржа на 8 октомври беше возачот на Ред Бул, Макс Верстапен. 

На трката за Големата награда на Катар, времетраењето на сегментите на еден комплет гуми беше намалено на 18 круга. Секој возач мораше да влезе најмалку три пати во пит-стоп за време на трката. Вкупната должина на трката беше 57 круга. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан