• недела, 24 ноември 2024

ФЗОРСМ: Фондот ги побара податоците од сите ЈЗУ до понеделник, очекуваме следната недела да почне исплатата на платите за здравствените работници

ФЗОРСМ: Фондот ги побара податоците од сите ЈЗУ до понеделник, очекуваме следната недела да почне исплатата на платите за здравствените работници

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - ФЗОРСМ ја известува јавноста дека во координација со јавните здравствени установи, се очекува потребната документација за исплата на плати да се прибере најдоцна до понеделник, а со цел што поскора исплата на платите на здравствените работници. Доколку сите ЈЗУ го исполнат овој рок, согласно протоколот за исплата на плати, исплатата се очекува да биде веќе наредна недела, соопштија од Фондот за здравствено осигурување.

- Во оваа прилика, Фондот им се заблагодарува на сите здравствени работници за трпението и апелира за понатамошна соработка, имајќи предвид дека техничките тимови работат постојано и секојдневно, се наведува во соопштението. 

ФЗОРСМ ја уверува јавноста дека ги користи сите расположливи капацитети и знаењата на сите внатрешни и надворешни ИТ експерти за кои има правна можност, а со привремените решенија кои Фондот ги операционализира во кус рок, се надминуваат дел од проблемите, особено и се овозможува функционирање на системот во услови на сајбер напад.

- Во оваа прилика би сакале да ја искористиме можноста и повторно да потврдиме дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Воедно напоменуваме дека, во однос на исплатата на боледувањата, породилното отсуство и рефундацијата, со ставање на системот во целосна функција ќе бидат исплатени сите обврски на ФЗО кон осигурениците, но и кон здравствените установи. Подрачните служби на Фондот функционираат согласно препораките и во континуитет ги примаат барањата, а контролорите од ФЗОРСМ веќе и започнуваат со контроли на терен врзани со спроведувањето на сите споделени упатства и насоки за работење, се посочува во соопштението.

Од Фондот наведуваат дека сите осигуреници непречено можат да се обратат до подрачните служби кои се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари, а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита.

- Фондот навремено и постојано ќе ја информира јавноста за сите нови утврдени информации кои се од интерес на граѓаните, се посочува во соопштението. ев/сп/

Остани поврзан