• четврток, 26 декември 2024

Фестивал на биодиверзитет во Скопје

Фестивал на биодиверзитет во Скопје

Скопје, 3 октомври 2024

„Нагости се, не бери гајле. Ајде на здравје, у Скопје“ е името на 4-тиот по ред Фестивал на биодиверзитет што ќе се случува оваа сабота, 5 октомври, од 10 до17ч во Јавна соба (Public Room).

Настанот е замислен како неформално дружење, журка за сите ама и одлична прилика да се купи нешто наше, автентично и вкусно. Во центарот на внимание ќе биде деликатесот што го има само во Скопје: омилената симит погача, што многумина ја нарекуваат „тесто во тесто“, симбол на градот, на мултикултура и врв на вкусна едноставност.

Фестивал на биодиверзитетот традиционално дава можност да се дознаат многу работи за локалните производители од сите конвивиуми на Слоу Фуд Македонија: разни вкусови, благо, солено, луто, гастрономски деликатеси во тегли -ајвар, пинџур, џем, слатко..., се природно, со вкусови што враќаат во детство, потоа- традиционалните козји, кравји и секакви сирења, сувомеснати производи сушени на дрва.. Оние што не го запознале вкусот на тартуфи ова е можност да се вљубат во некој од производите на оваа печурка а тука се вклучени и презентации: пивски и вински, дегустации на ракија и ликери... Ајде на здравје!

Предвидени се и два мастер класа: точно напладне, во 12ч ќе се одржи работилница за тестенини а еден час подоцна- работилница за занаетчиско пиво.  

Настанот го организира Слоу Фуд Водно, со подршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и We Effect.

Фото:Илустрација

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан