• среда, 25 декември 2024

Годинава Фестивалот „Крај Вардарот џез 2024“ е во чест на Мирко Попов

Годинава Фестивалот „Крај Вардарот џез 2024“ е во чест на Мирко Попов

Скопје, 11 април 2024 (МИА) - Од 20-ти до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез 2024“, кој годинава се реализира во чест на Мирко Попов, кој беше иницијатор, куратор и организатор на фестивалот. Тој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џез, светска и современа музика.

Годинашното фестивалско издание, како што велат организаторите, нуди исклучителна програма на македонска авторска музика селектирана од Попов и Дробицки, која излегува од границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.

-Со длабок поклон, „Крај Вардарот Џез Фестивал 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на фестивалот и целокупната музичка дејност поврзана со работата на „ПМГ Џез“, сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа „ПМГ Рекордингс“. „ПМГ Џез“ зад себе има 46 изданија македонска музика. Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација не успеа да ја дочека. Во негова чест, тимот на „Крај Вардарот Џез Фестивал“, со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание. Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје. Како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардаро… !” која беше инспирација за името на фестивалот, велат организаторите.

Програмата се состои од три вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.

На 20 април во едукативниот културен центар Лабораториум во 21 часот ќе настапат „Cobalt Code Unit“. Фракција од четири млади музички аскети, кои неуморно талкаат низ пространствата на јужнобалканските традиции на импровизирана и ритуална музика, контемплирајќи ги хоризонтите на современиот џез, креативната слободна импровизација, психоделичните импресии на африканските ритмички јазици и бучавата на индустрискиот метеж. Имаат издадено два албуми „Rural“ и „Soilwork“ и еден видео албум „The Yadro Concert“.

На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова со концерт на пијано и Тина Иванова, како автор на текст и наратор на приказна за липите на „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“... Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Како 44 издание за ПМГ Џез е албумот во живо од концерт на пијано на Иванова на музика од Пандевска, реализиран во рамки на програмата “Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“.

Веднаш потоа во 21 часот следи концерт на Биг Бенд - музика на Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Кире Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал.

На 27 април во Лабораториум, вечерта ќе започне со концерт на „Macedonian Free Society“. Нов креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез музика, во состав: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за „ПМГ Џез“, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.

Во 22 часот ќе започне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти кој го иновира начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од Оливер Митковски, еден од најголемите актери од средната генерација во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе. Поетроника фрла ново светло на стиховите од Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески.

Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и едукативниот културен центар Лабораториум. Концертниот настап „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар. 

Онлајн продажбата на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Програмата за 20 април е бесплатна. ад/сст/

фото Фестивал „Крај Вардарот џез 2024“

 

Остани поврзан