• четврток, 26 декември 2024

Фестивалот „Литера“ денеска и утре во Гевгелија

Фестивалот „Литера“ денеска и утре во Гевгелија
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Патувачкиот карван на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, денеска и утре ќе се одржи во Гевгелија. По покана на Домот на културата „Македонија“, фестивалот се одржува во рамките на одбележувањето на детската недела. Децата во Гевгелија ќе можат да учествуваат на работилници за тоа како се прави сликовница, да се запознаат и заедно да читаат од поновите сликовници за деца од домашни автори. Од тимот на „Литера“ соопштија дека ќе ги посетат основните училишта во Гевгелија - „Владо Кантарџиев“ и Крсте Мисирков“, како и ОУ „Ристо Шуклев“ во Негорци. Во Домот на културата „Македонија“ вечер ќе биде поставена изложба на македонска илустрација „Дом без граници“, на која ќе бидат прикажани илустрации на авторите Кристијан Јовановски, Наташа Андонова, Инес Ефремова и Надица Златкова. Изложбата неодамна беше поставена и во Пазин, Хрватска на фестивалот „Овца во кутија“, каде имаше одличен одѕив. -По подолго време децата ќе може да размислуваат во боја. Илустрацијата е многу важна, а јас како ликовен уметник сметам дека е исклучително важно децата визуелно да го запознаат светот. Сметам дека е многу важно да се промовираат вистинските вредности во однос на умeтеноста, културата и начинот на живеење. Работата со деца е како да се занимавате со иднината. Македонската илустрација, последните неколку години е во голем подем и тоа благодарение токму на „Литера“. Ова е одлична можност и за сите гевгеличани да ја погледнат оваа изложба, изјави Мирјана Крстева Массетти, директорка на Домот на културата. На втората работилница, што ќе се одржи во Домот, утре децата ќе се запознаат со процесот на создавање сликовница, а потоа ќе следи и разговoр на тема „Сликовница без граница“. Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и годинава има исклучително патувачки карактер. Досега тимот ги посети Богданци, Валандово, Казандол, Чалакли и Пазин, остварувајќи ја својата мисија да ги доближи квалитетните изданија до што повеќе деца, во сите краеви од нашата земја, но и во странство. Четвртото издание на „Литера“ е помогнато од Халкбанк АД Скопје, а е поддржано и од Министерството за култура. бт/нд/

Остани поврзан