• четврток, 26 декември 2024

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Детскиот културен центар – „Карпош“, покрај 75 годишниот јубилеј, оваа година петти јубилеен пат ќе го организира Фестивалот и натпревар на народни и класични инструменти „Инструментите на моите предци“. Фестивалот ќе се одржува од денеска до 13 април под покровителство на Град Скопје.

Фолклорната култура, како што велат од  Детскиот културен центар – „Карпош“, е човечки израз за да се опише начинот на живот на едно општество, бидејќи целта на народната песна е да ги опише човечките искуства, знаењето на духовното и материјалното наследство кое е неизоставен дел од развојот на децата, кои се развиваат и усовршуваат наоѓајќи сопствен изворен уметнички јазик.

Вечерва од 19:00 до 20:30 часот во КИЦ, Салон 19/19 ќе се одржи Ревијалниот дел, каде публиката ќе има чест да ги слушне звуците на македонските традиционални музички инструменти хармоника, тамбура, кавал, кларинет, гајда, тапанот. Нумерите кој ќе ги слушне скопската публика ќе бидат изведени од комисијата, познати македонски виртуози. Оваа година како јубилејна, ќе се претстават и сите досегашни победници во изминатите четири години, добитници на гран при наградата во натпреварувачкиот дел.

-На уникатен и единствен начин се запознаваме со сличностите и разликите на инструментите и нивните звуци во натпреварувачкиот дел, вели директорката Билјана Лалчевска Серафимовска.

Во соопштението од ДКЦ „Карпош“ е наведено дека преку звукот на народните инструменти, патуваме во различни предели и региони и ги раскажуваме овие приказни кои зборуваат за минатото, во сегашноста и ја градат иднината поставувајќи нови темели за збогатување на културното наследство. дма/лв/

Фото: Детскиот културен центар – „Карпош“

Остани поврзан