• четврток, 26 декември 2024

Фернандез: Шест месеци трпев болки, не можев веќе да користам лекови и инјекции

Фернандез: Шест месеци трпев болки, не можев веќе да користам лекови и инјекции

Лондон, 26 април 2024 (МИА) - Фудбалерот од средниот ред на Челси, Енцо Фернандез, нема да игра за „сините“ до крајот на сезоната, бидејќи наскоро ќе мора да оди на операција на препоните, пишува аргентинскиот весник „Оле“. Ќе му требаат неколку недели да се опорави.

Поранешниот фудбалер на Ривер и Бенфика, извесно време се жалеше на болки, но сепак играше.

Постоеше опција лекувањето да се одложи за лето, но по консултација со лекарите на Челси и аргентинската репрезентација, одлучено е веднаш да се дејствува. Идејата е Фернандез да има доволно време целосно да се опорави за претстојната Копа Америка која започнува на 20 јуни.

-Операцијата беше неопходна, шест месеци трпев болки. Повеќе не можев да избегнам да го решам проблемот, беше невозможно да продолжам да користам лекови и инјекции, напиша Енцо и додаде „Болката се влоши пред неколку недели, но не сакав да се откажам само така. Секогаш кога играм за Челси или за репрезентацијата на Аргентина, давам се од себе, но не можев повеќе да ја поднесам непријатноста“.

Светскиот шампион пристигна на „Стемфорд Бриџ“ од Лисабон во јануари 2023 година во договор вреден 121 милион евра. Неговите настапи оваа сезона, сепак, се во склад со перформансите на повеќето играчи на Челси - неубедливи и нестабилни.

Енцо оваа сезона одигра 40 од 45 натпревари на лондонскиот клуб. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан