• петок, 27 декември 2024

Фернандез Нуњез: Фокусот во „Анка“ беше да се истражи траумата што ја преживеале жените жртви на родово насилство

Фернандез Нуњез: Фокусот во „Анка“ беше да се истражи траумата што ја преживеале жените жртви на родово насилство

Битола, 26 септември 2023 (МИА) - Главниот фокус во долгометражниот документарен филм „Анка“ беше да се истражи траумата што ја преживеале жените жртви на родово базирано насилство, потенцираше кинематограферката Ракел Фернандез Нуњез на денешната прес-конференција во Битола.

Проекција на овој филм се одржа вчера во Битола, во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“.

Како што јави известувачот за МИА од Битола, во документарниот филм се претставени три жени кои одлучиле јавно да излезат и да проговорат дека постојат и покрај смртната закана која им претстои. Всушност, се истражува внатрешниот живот на жената, на болните траги што ги носи меморијата од преживеано насилство. Филмот е во режија на Хелен Челик, која живее во Виена, Австралија.

-Насилството врз жените постои во реалноста, но сега се поголеми шансите за истото да се обелодени јавно, па дури и да се визуализира, за разлика од претходно, кога подеднакво постоеше злосторство, но некако информациите поврзани со злостроството, со насилството врз жени нè одминуваа, односно не им се даваше многу големо значење, рече Фернандез Нуњез, кинематограферката на овој филм.

Таа потенцираше дека целта на „Анка“ е да се истакне важноста за тоа колку треба да се зборува за она што го преживуваат овие жени, но без притоа да се репродуцира насилството кое што го доживеале, без да се виктимизираат.

-Ова ни беше појдовната точка пред снимањето на филмот. Кога разговаравме со режисерката Хелен се договоривме дека при снимањето во никој случај нема дозволиме да ја репродуцираме траумата која ја имаат овие жените. Режисерката има турско потекло, родена е во Турција, во место во кое етникумот таму има историја на убиства од чест. Токму затоа, Хелен шест години работеше на истражување на оваа тема, рече кинематограферката.

Таа додаде дека не сакале да географски да го лоцираат местото каде се случиле насилствата, бидејќи како што рече, насилството постои насекаде, не се случува само во одредени држави.

Кинематограферот Гијом Ле Гронтек на францускиот краткометражен филм „Кратко патување“ што исто така синоќа беше прикажан во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, на денешната прес-конференција рече дека приказната на овој филм е и политичка, но истиот има димензија на широка хуманост во која секој може да се пронајде.

„Кратко патување“ е француски долгометражен филм, во режија на Ереник Беќири.бт/са/

Фото/МИА

 

Остани поврзан