• среда, 25 декември 2024

Ферид Мухиќ добитник на првата награда „Константин Филозоф“ за животно дело

Ферид Мухиќ добитник на првата награда „Константин Филозоф“ за животно дело

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - По повод Светскиот ден на филозофијата, Филозофското друштво на Македонија денеска ја додели нововостановената награда „Константин Философ“ која за животно дело ја доби Ферид Мухиќ, академик и редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Скопскиот универзитет.

За наградата одлучи жири во состав Мирко Ѓошевски (претседател) и Денко Скаловски и Сузана Симоновска (членови). Проф. Ѓошевски ја образложи одлуката и се осврна на професионалната биографија на Мухиќ, кој во неколкудецениска творечка активност има објавено 52 книги, многубројни стручни трудови и научни статии во домашната и странската периодика, како и на неговата наставна кариера на Филозофскиот факултет во Скопје и како визитинг професор во светски универзитетски центри. 

Соопшти дека на конкурсот за наградата „Константин Филозоф“ пристигнал еден предлог од Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет со кој за животно дело е номиниран проф. Мухиќ.

-Наградата се доделува за вкупниот опус на филозоф, на филозофското творештво и филозофското образование, како и за афирмација на филозофијата во земјата и во странство, рече Ѓошевски. 

Претседателот на Филозофското друштво на Македонија, Љупчо Митковски, рече дека наградата „Константин Филозоф“, која годинава е доделена првпат, а како идеја постои одамна, се доделува во три категории – за животно дело, за млад филозофски истражувач и за филозофска книга на годината. За трите награди бил распишан конкурс во април годинава, но се доделува единствено наградата за животно дело за која жирито ја донело одлуката едногласно. 

-Наградата е признание, уважување и изразување благодарност од колегите за извонредни повеќедецениски филозофски дострели, рече Митковски. Со тоа што не е парична или „оптоварена со некој друг материјален елемент“, таа, рече Митковски, „дополнително ослободува да се стои цврсто во сферата на апсолутната автономија на фелата“.

Проф. Ферид Мухиќ се заблагодари за наградата од колегите и рече ја прифаќа како убав гест и како драгоцен доказ дека пријателството е бесмртно.

По овој повод тој се осврна на значењето на филозофијата денес и на прашањето - во време кога владее „принципот на психопатократскиот прагматизам на реалполитиката - кога поединецот го прави она што нему му треба без обѕири на моралните импликации“ дали има смисла посветеноста на филозофијата или треба, наспроти учењата на Аристотел и Константин Филозоф, младите да се советуваат да ја избегнуваат.

-Се чини дека одговорот е никогаш и стопати никогаш. Филозофијата била и останала единствената систематска, конструктивна, колективна самосвест, автокритика, регулатива, патоказ, учител и морален водич на човечкиот ум, рече Мухиќ.

Порача дека денес од кога било досега на човештвото му е неопходно постигнување на моралната оска во сите свои постапки и да се раководи од принципот на доброто и праведното, како што рече - да се следи божествената милозливост за која зборува филозофијата од својот почеток до денес. хс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан