• сабота, 23 ноември 2024

Фелтман: САД се загрижени за ситуацијата во Судан

Фелтман: САД се загрижени за ситуацијата во Судан
Могадишу, 25 октомври 2021 (МИА) - Специјалниот претставник на САД за Рогот на Африка, Џефри Фелтман, изјави дека Вашингтон е „длабоко вознемирен од извештаите за воено преземање“ во Судан. - Тоа би било спротивно на Уставот и демократските аспирации на суданскиот народ и е крајно неприфатливо. Како што постојано повторуваме, секоја промена на преодната влада со сила ја става во опасност американската помош, истакна Фелтман. Претходно, суданската телевизија Ал Хадат, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека армијата ги уапсила премиерот Абдала Хамдок, група министри, како и лидерите на неколку сојузни држави и политички партии. Ситуацијата во Судан е напната по неуспешниот обид за државен удар во септември и жестоките обвинувања меѓу војската и политичките тела кои треба да ја делат власта по соборувањето на поранешниот лидер Омар ал Башир во 2019 година. Башир е затворен, а воените и политичките тела треба заеднички да управуваат со земјата до изборите во 2023 година. Тензиите ескалираа во текот на овој месец, откако коалицијата на бунтовнички групи и политички партии ги здружија силите со војската, а приврзаниците на армијата организираа протести пред претседателската палата, барајќи распуштање на цивилните власти. Неколку министри минатата недела учествуваа на големите протести во Картум и другите судански градови против можноста војската да ја преземе власта. ми/

Остани поврзан