• сабота, 28 декември 2024

Фелипе Маса ги тужи Ф1, ФИА и Еклстоун за титулата во 2008

Фелипе Маса ги тужи Ф1, ФИА и Еклстоун за титулата во 2008

 

Лондон, 11 март 2024 (МИА) – Поранешниот возач на Ферари и Вилијамс, Бразилецот Фелипе Маса (42) почна денеска правна постапка против водството на Формула 1, нејзиниот поранешен комерцијален директор Берни Еклстоун, како и челниците на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) поради исходот од светското првенство во 2008 година.

Во тужбата која ја поднесе во Лондон, поранешниот возач во Формула 1 бара да му биде доделена светската титула од 2008 година, како и да му биде исплатена отштета. Износот официјално не е познат, а дел од светските медиуми пренесуваат дека станува збор за сума меѓу 60 и 150 милиони фунти.

„Отсекогаш зборував дека ќе се борам до крај. Откако ФИА одлучи ништо да не преземе, ќе бараме оваа историска неправда да биде исправена пред судовите“, рече Маса за бразилските медиуми.

Во сезоната 2008, Маса беше вицешампион освојувајќи 97 бодови, еден помалку од тогашниот возач на Мекларен. Луис Хамилтон.

Во инцидентот познат како „Крашгејт“ (Crashgate), тогашниот возач на Рено, Нелсон Пике, намерно предизвика инцидент во 14. круг од трката за Големата награда на Сингапур со цел на патеката да излезе безбедносното возило, што му овозможи на неговиот клупски колега Фернандо Алонсо да победи.

Хамилтон ја заврши трката како третопласиран, а Маса на 13 место и не успеа да освои ниту бод поради грешка на механичарите во боксот.

Рено во 2009 година призна дека Пике дејствувал според тимска наредба, но Формула 1 не ги поништи резултатите од спорната трка. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан