• сабота, 21 декември 2024

Фајон за МИА: Уставните измени се одговорност кон граѓаните и се неопходни државата да оди напред

Фајон за МИА: Уставните измени се одговорност кон граѓаните и се неопходни државата да оди напред

Скопје, 3 декември 2023 (МИА) - Годинава е исклучително важна за проширувањето. Ги повикувам сите политички актери, одговорни актери, политички партии да вложат напор за уставните промени пред се’ во интерес на граѓаните. Тоа е одговорност кон луѓето, и сега е нужно итно државата да напредува и геостратешка можност e до крајот на 2030 година да направиме скок, да ја поврземе Европа и Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, вели словенечката вицепремиерката и министерка за надворешни работи и европски прашања Тања Фајон во интервју за МИА.

-Вистина е дека, државата загуби многу драгоцено време и жал ми е бидејќи патот на Северна Македонија би бил побрз кога не би биле, како што споменавте внатре политичките интереси на Бугарија, претходно и Грција, што значи дека патот на Северна Македонија е трнлив и пред се’ болен. Уставните промени се клучни пред се’ за еден оптимизам и поддршка на политиката и разбирање на граѓаните дека се работи за една заедничка европска иднина, која ќе обезбеди мир, безбедност и достоинство во животот на вашите граѓани, вели Фајон во интервјуто за МИА.

Шефицата на словенечката дипломатија вели дека е клучно Северна Македонија и Албанија со нова меѓувладина конференција да ги отворат и започнат конкретно преговорите.

-Не сакам да зборувам за одвојување на двете држави, останувам силно посветена на тоа, дека Северна Македонија ќе продолжи по патот на реформите, децидна е Фајон.

Во продолжение следува интервјуто во целост со видео материјал:

Министерке Фајон, Словенија идната година во мај одбележува 20 години од членството во ЕУ. Што конкретно се смени откако сте членка во ЕУ, за граѓаните, за општеството во целина? Дали се справувате со корупција на ист начин како и пред членството?

-Словенија веќе 20 години е членка е Европската Унија. Животот на нашите граѓаните суштински се подобри ако ги погледнеме бенефитите од заедничкиот пазар, заедничкиот простор, слободата на движењето, патувањата, стоките, заедничката валута, можностите на младите да се образуваат, да патуваат преку заеднички програми, здравствените услуги...Накратко, Европската Унија е простор на слобода, простор на вредности што не поврзуваат, демократија, правна држава, а ако зборуваме за корупцијата, борбата против корупцијата е услов од една страна за влез во Европската Унија, а од друга страна, пред се затоа да се создадат услови за здрав напредок на општеството е во интерес на граѓаните, за привлекување странски инвестиции, заживување на економијата, борбата против корупцијата е постојана и е клучна пред се’ за луѓето.

Вие сте силен поборник за евроинтеграцијата на Северна Македонија и на Западен Балкан во ЕУ. Уште за време на вашиот мандат како европратеничка силно лобиравте за земјава оценувајќи го однесувањето на Бугарија како нефер. Сега ни претстои усвојување на уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот со цел отворање на преговорите. Дали сметате дека тоа ќе биде последното барање од Софија?

-Словенија е традиционално пријателска држава со Северна Македонија, ние многу години и помагаме на државата технички во сите пристапни преговори за да може да влезе во Европската Унија. Вистина е дека, државата загуби многу драгоцено време и жал ми е бидејќи патот на Северна Македонија би бил побрз кога не би биле, како што споменавте внатре политичките интереси на Бугарија, претходно и Грција, што значи дека патот на Северна Македонија е трнлив и пред се’ болен. Јас ги повикувам сите политички актери, одговорни актери, политички партии да вложат напор за уставните промени пред се’ во интерес на граѓаните. Тоа е одговорност кон луѓето, и сега е нужно итно државата да напредува и геостратешка можност е до крајот на 2030 година да направиме скок, да ја поврземе Европа и Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. Така да, да, уставните промени се клучни пред се’ еден оптимизам и поддршка на политиката и разбирање на граѓаните дека се работи за една заедничка европска иднина, која ќе обезбеди мир, безбедност и достоинство во животот на вашите граѓани.

Какви очекувања имате од декемврискиот Самит на ЕУ во однос на Западен Балкан? Доколку не ги усвоиме уставните исмени до крајот на годината, дали е можно Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ, и што тоа би значело за регионот?

-Годинава е исклучително важна за проширувањето. Проширувањето стана геостратешка нужност. Ако погледнеме што се случува околу нас, руската агресија во Украина, конфликтот на Блискиот Исток, Европската Унија мора да биде силна, мора да биде обединета, имаме јасна Бледска обврска државите да се подготват за проширување до 2030 година, а од друга страна јас и Словенија се стремиме и државите на Западен Балкан да бидат подготвени и способни за влез во Европската Унија. Кон крајот на годината очекувам поттикнувачки извештаи, посакувам да видам почеток на пристапни преговори со Босна и Херцеговина, очекуваме пристапни преговори со Украина, Молдавија, понатаму за Грузија и во тој контекст клучно е Северна Македонија и Албанија со нова меѓувладина конференција да ги отворат и започнат конкретно преговорите. Не сакам да зборувам за одвојување, останувам силно посветена на тоа, дека Северна Македонија ќе продолжи по патот на реформите.

Извештајот на ЕК за Северна Македонија нотира напредок во одредени области како надворешната политика, но имаше критики дека недостига напредок во областите клучни за процесот на преговори - владеење на правото и борбата против корупцијата...

-Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија беше реален во однос на оценката дека треба да се продолжи со борбата против корупцијата, во клучни области, како што е борбата против организираниот криминал, обезбедувањето на цврста правна држава, слобода на медиумите, накратко тој напредок е важен, и важно е сите овие оценки на Европската комисија, треба да се одговори на начин, граѓаните да разберат дека се работи за промени што ќе го подобрат нивниот животот, се работи за промени што ќе овозможат луѓето полесно да дојдат до правосудниот систем, дека ќе биде обезбедена слобода на говор, дека нема корупција, дека се работи за здрав демократски напредок на толерантно општество. Тоа не е домашна задача за Брисел, туку одговорност на политичарите да се грижат за она што го посакуваат луѓето. Јас знам дека денес луѓето во Босна и Херцеговина, посебно младата генерација се разочарани, можеби апатични, но би порачала дека обединета Европа со сите вредности и ден денес го чува мирот, стабилноста во срцата на луѓето и достоинствен живот. Затоа мислам, дека ова приближување кон Европската Унија што ги отвора вратите е исклучително важно за младите луѓе. И за тоа власта која ги спроведува реформите што ќе го подобрат живото на луѓето е одговорна за тоа.

Кои сегменти, според Вас, е реално да се остварат од француско-германскиот предлог до 2030, според кој пред следното проширување, ЕУ треба да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во повеќе области и да спроведе бројни реформи, како и да се посвети на целта да биде подготвена да прими нови членки до 2030?

-Документот што го спомнувате го подготвија независни експерти од Германија и Франција, и е клучна обврска што ја усвоите на Бледскиот стратешки форум и соопштението што го даде Шарл Мишел е дека до 2030 година Европската Унија мора да биде подготвена за понатамошно проширување. Пред кратко разговаравме во Берлин, на масата седевме сите министри од Европската Унија, државите од Западен Балкан, Грузија, Украина, Молдавија и Турција со желба, оваа нужност од проширување да ја интензивираме на двете страни до 2030 година. Со тоа е поврзан и Економскиот план за закрепнување, значителни финансиски средства и таа можност постои. Не е потребна промена на договорите, потребна е пред се’ политичка амбиција и мислам дека денес можеби повеќе од кога било претходно поради политичките случувања во светот денес постои таа свест и стратешка неопходност за проширување на Европската Унија. Затоа, искрено верувам дека можноста е тука и треба да ја зграпчиме како од една, така и од друга страна и морам да кажам дека со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, кој има големо разбирање за тоа и со тимот на владата се трудиме да соработуваме за до 2030 година Северна Македонија да успее во тоа.

Словенија е развоен партнер на Северна Македонија, помага во размена на искуства, обука на кадри... Како ја оценувате билатералната соработка и какви проекти сега се работат со институциите со цел јакнење на капацитетите во преговорите, и кои други проекти меѓу двете држави можете да ни ги посочите како важни за нашето приближување кон ЕУ?

-Северна Македонија е исклучително важен партнер на Словенија затоа ние веќе десетина години помагаме не само технички за влез во Европската Унија туку и со развојна помош. Токму сега со потпретседателот на Владата потпишавме Меморандум за партнерска соработка, петти по ред, што значи дополнителни 2 милиони евра развојна помош за Северна Македонија. Словенија од 2010 година на државата и помогна со повеќе од 45 милиони евра, од една страна се работи за техничка помош при подготовка за пристапните договори низ поглавјата, а од друга страна се работи за значителни средства. Овој Меморандум ќе покрие 5 нови инфраструктури проекти што се наменети пред се’ за одржливиот развој, пренесување знаења за заштита на околината. Така што, ме радува што денес ќе ја разгледам и Злетовица, таму каде што се уредите за прочистување на водата и тука во Северна Македонија соработуваат скоро сите развојни тела и институции, што упатува на тоа дека Република Словенија и Северна Македонија се тесно поврзани, поврзани се нашите луѓе, а тоа се покажа и низ солидарноста што вашата држава ја понуди на Словенците и Словенките во катастрофалните поплави летоска во август годинава, така што таа тесна врска и пријателство помеѓу државите продолжува и понатаму.

Западниот Балкан е кревок во однос на продирање на дезинформации и лажни вести од трети страни. Дали во Словенија има такви влијанија, како се справувате со тоа?

-Дезинформациите не се нешто ново во нашиот живот, со интернет алатките со дигиталната технологија се шират значително побрзо. И дезинформациите и лажните информации го погодуваат секое општество, против тоа треба апсолутно да се бориме. И во Словенија сме цел на хибридни кибернетички напади, пред се’ на една страна е освестувањето, акцент на младите преку едукација и преку медиумите да се знае што е правилна, веродостојна информација, за тоа да имаме соодветни органи, да направите се’, за луѓето да добиваат точни, прецизни информации. Ме радува што со Франција успеавме да воспоставиме кибернетички центар во Црна Гора, што ќе го покрие целото подрачје на Западен Балкан со заеднички експерти и во борбата против кибер нападите, тоа е нашата нова реалност, а пред се’ медиумите имате многу важна улога во борбата против дезинформациите и тоа како сите заедно ги совладуваме социјалните мрежи, и конечно и ние самите политичар со свој пример, со давање информации без лаги, насочуваме и бидеме пример за луѓето.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Дарко Попов

Видео: Срѓан Крстиќ и Андреј Бранковиќ

Остани поврзан