• недела, 24 ноември 2024

Фајон: Сите одговорни партии да ги направат потребните чекори за да продолжи евроинтегративниот процес на Северна Македонија

Фајон: Сите одговорни партии да ги направат потребните чекори за да продолжи евроинтегративниот процес на Северна Македонија

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Вицепремиерката и министерка за надворешни и европски прашања на Словенија, Тања Фајон денеска изјави дека уставните измени се клучни за Северна Македонија да оди напред на патот кон Европската унија и ги повика сите политички партии да ги поддржат. 

- Ги повикувам сите одговорни партии во оваа држава да ги направат овие нужни чекори како што е промената на Уставот за да може овој процес на проширување и претпристапни преговори да може да продолжи. Тоа е одговорност кон државјаните, кон граѓаните и граѓанките и тоа е клучно за да може Северна Македонија да оди напред кон ЕУ. Денес проширувањето стана геостратешка итност и затоа уште еднаш и посакувам на Северна Македонија многу храброст, многу самодоверба, цврста работа, рече Фајон на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

И според вицепремиерот Маричиќ, прифаќањето на уставните измени е единствен чекор за да се продолжи евроинтеграцијата. 

-Во извештајот за напредокот за оваа година Европската комисија ни упати силна порака дека треба да продолжиме и да ја интензивираме работата на овој пат на кој сме до сега и да го зајакнеме доброто ниво на подготвеност. Имаме прогрес во 80 отсто од поглавјата и нема назадување во ниту едно поглавје. Тоа не значи дека сме завршиле се, но значи дека имаме добра основа да продолжиме понатаму, рече Маричиќ. бак/вј/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан