• недела, 24 ноември 2024

Фајненшал тајмс: Трамп лут на Џонсон поради „Хуавеј“

Фајненшал тајмс: Трамп лут на Џонсон поради „Хуавеј“
Лондон, 7 февруари 2020 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп бил многу лут за време на телефонскиот разговор со британскиот премиер Борис Џонсон, со кој разговарал за неговата одлука да и одобри на кинеската компанија „Хуавеј“ ограничено учество во развојот на националната 5Г мобилна мрежа, пишува Фајненшал тајмс. Како што наведува весникот, повикувајќи се на извори во Лондон и Вашингтон, Трамп бил премногу налутен за време на разговорот минатата недела откако Владата на Џонсон соопшти дека „Хуавеј“ може да има ограничена улога во развојот на 5Г мрежата и покрај предупредувањата на администрацијата на Трамп. Фајненшал тајмс додава дека разговорот бил „многу тежок“ и дека британските власти биле изненадени од тонот на Трамп. Од кабинетот на Џонсон, во врска со извештајот на Фајненшал тајмс, порачаа дека нема што да додадат на соопштението што е објавено веднаш по разговорот на двајцата лидери. „Премиерот го истакна значењето на соработката меѓу земјите што на сличен начин размислуваат за диверзификација на пазарите и рушење на доминацијата на мал број компании“, се вели во соопштението. Белата куќа засега не се осврна на тоа прашање. Велика Британија минатата недела му одобри на „Хуавеј“ ограничено учество во  градењето на националната 5Г мобилна мрежа, спротивставувајќи се на глобалните напори на Соединетите Американски Држави да го исклучат кинескиот технолошки гигант од развојот на следната генерација телекомуникации на Западот. паг/

Остани поврзан