• четврток, 19 декември 2024

Фаучи и Џером Адамс го демантираат Трамп за бројките на заразени и смртни случаи во САД од Ковид-19

Фаучи и Џером Адамс го демантираат Трамп за бројките на заразени и смртни случаи во САД од Ковид-19
Вашингтон, 3 јануари 2021 (МИА) -  Двајца највисоки американски здравствени службеници го оспорија тврдењето на претседателот Доналд Трамп дека федералните податоци за случаи со Ковид-19 и смртни случаи во САД се претерано високи, но изразија оптимизам за зголемувањето на стапките на вакцинација. - Смртните случаи се вистински смртни случаи, изјави Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести, за Еј-Би-Си Њуз, додавајќи дека податоците дека болниците се пренатрупани и здравствените работници се под стрес „не се лажни“. Фаучи и шефот на американската здравствена служба Џером Адамс ја бранеа точноста на податоците за коронавирусот објавени од Американскиот центар за контрола и превенција на болести откако Трамп ги нападна методите на табеларно прикажување на таа агенција. Повеќе од 20 милиони луѓе биле заразени во САД, а речиси 347.000 починале - или еден од 950 жители - откако вирусот се појави во Кина кон крајот на 2019 година, според ЦДЦ - Од аспект на јавното здравство, немам причина да се сомневам во тие бројки и мислам дека луѓето треба да бидат многу свесни дека не се само смртни случаи, рече Адамс. Фаучи и Адамс изразија оптимизам дека темпото на вакцинација на Американците против вирусот се забрзува по бавниот почеток. Повеќе од 4,2 милиони луѓе се вакцинирани со една од двете вакцини од 14 декември, далеку помалку од целта на администрацијата на Трамп за 20 милиони до крајот на 2020 година. зш/

Остани поврзан