• недела, 29 декември 2024

Фатмир Муса: Ќе дадеме позитивен придонес кон подобруваење на сѐ што се однесува на работата на Јавното обвинителство

Фатмир Муса: Ќе дадеме позитивен придонес кон подобруваење на сѐ што се однесува на работата на Јавното обвинителство

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) – Сметам дека сите мои колеги кои што денеска дадоа заклетва ќе дадат позитивен придонес кон подобруваење на сѐ што се однесува на работата на Јавното обвинителство, изјави новоизбраниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Фатмир Муса.

На денешното потпишување на свечени изјави во Советот на јавни обвинители, Муса изјави дека нивната задача како јавни обвинители е да ги спроведуваат Уставот, законите и меѓународните договори кои што се ратификувани во Собранието на Република Северна Македонија и да се работи според сите постапки што се напишани во Законот за кривична постапка и Кривичниот законик

- За другите работи други треба да ценат за тоа како ние би дале придонес во сето тоа, рече тој. 

На прашањето што претставувало предизвик за него да се одлучи за обвинителската служба, тој одговори дека со новите одредби на ЗКП, смета дека работата е подинамична. 

- Јас лично можам да зборувам за себе. Сметав дека со новите одредби на Законот за кривична постапка е малку подинамична работа и бара малку повеќе труд во делот на активности, преземени дејствија и слично, и сметав дека на тој начин можам да го дадам својот придонес во подобрување и спроведувањето на законските одредби кои што нѐ обврзуваат во однос на рамката која што ние треба да ја спроведеме, рече Муса.

Покрај него, за во Основното јавно обвинителство Скопје свечена изјава денеска потпишаа кандидатите Зоран Здравев, Ирина Спасовска, Емилија Мизо Димков и Ајбејан Ајдини. Додека, во Основното јавно обвинителство Гостивар за обвинителка беше избрана кандидатката Елизабета Јосифовска, а во ОЈО Кавадарци, Елена Манчева Костова, единствени пријавени кандидати на соодветните огласи за двете обвинителства.

Свечена изјава потпишаа и кандидатите за Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство Скопје. ар/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан