• четврток, 26 декември 2024

Факултетот за безбедност одбележа 45. години од формирањето

Факултетот за безбедност одбележа 45. години од формирањето
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Факултетот за безбедност во Скопје дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ - Битола денеска одбележа 45. години од формирањето и првиот академски час за оваа учебна година. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски честитајќи го јубилејот истакна дека безбедноста е наука што динамично се развива и дека треба да ги следни модерните предизвици. -После 45 години Факултет за безбедност продолжува со несмален интензитет и стремеж да го потврдува она што со години наназад успешно го фундираше и го надградуваше своето научно-стручно реноме односно своето место во образовниот систем, рече Спасовски. Почетокот на академската година е подеднакво важен и за новите студенти и за оние кои продолжуваат, додаде Спасовски. Од основањето во 1977 досега на Факултетот за безбедност дипломирале 3.500 студенти прв циклус, магистрирале 140 студенти, а со звање доктор на науки од областа на безбедност се стекнале 47 студенти. -Безбедноста со нејзината широка интердисциплинарност е наука што динамично се развива, разгранувајќи ја и етаблирајќи ја сопствената применливост во огромната низа општествени сегменти, така што модерните општества се повеќе ја препознаваат нужноста од безбедносно инволвирање, рече Спасовски. Во годините наназад, истакна тој, Министерството за внатрешни работи демонстрираше крајно отворен и партнерски пристап кон безбедносните науки притоа на прво место ставајќи ги образовно - стручните критериуми и стандарди. Проф. д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола го честиташе јубилејот на Факултетот за безбедност во Скопје и им посака успешни студии на новите студенти. -Искористете ги овие години за студии, за магистратура...но и за дружење. Ве повикувам да ги искористите сите потенцијали што ги нуди Факултетот, и можноста за грантови, студиски престои. Новиот менаџмент на Универзитетот ќе ве стимулира вас студентите за учество во сите процеси, рече проф. д-р Неделковски. Новиот ректор на битолскиот Универзитет рече дека неговите заложби се за понагласено место на студентите во рамки на оваа високообразовна институција. -Ќе направиме се што е во наша моќ Универзитетот да биде ваш втор дом, да напредувате лично и персонално, а нас да не направите горди на вашите успеси, рече проф. д-р Неделковски. Деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски рече дека овој факултет има историја и минато, но најмногу од се има сегашност и иднина. Проф. д-р Дујовски истакна дека ова е единствениот Факултет за безбедност во земјата и дека во изминатите години во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите безбедносни институции е еден од најголемите факултети во општествените науки, на што е особено горд. -Оваа година го задржавме трендот на интерес кај матурантите и се запишаа вкупно 208 студенти, редовни и вонредни на сите активни студиски програми, посочи деканот на Факултетот за безбедност честитајќи им го првиот академски час, и посакувајќи им успешни студии како ним така и на останатите студенти. На настанот зборуваа и повеќе професори од овој Факултет, а беа доделени и свечени плакети, меѓу другото и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. ев/ац/

Остани поврзан