• недела, 24 ноември 2024

Факти за Нобеловата награда за мир

Факти за Нобеловата награда за мир
Стокхолм, 7 октомври 2022 (МИА) - Нобеловата награда за мир им се доделува на поединци или организации кои „најмногу придонеле или најсилно се заложиле за братството на народите, за распуштање или намалување на постојаните армии и за спроведување и промовирање на мировните конференции“. Годинава добитници на оваа престижна награда се белорускиот активист за човекови права Алес Бјалјацки, руската организација за човекови права Меморијал и украинската организација за човекови права Центар за граѓански слободи. Досега со Нобелова награда за мир добиле 110 лица и 27 организации. Нобеловата награда за мир првпат е врачена во 1901 година, а добитници се основачот на Црвениот крст, Анри Динан и основачот на француското мировно друштво Фредерик Паси. Но, за време на Прва и Втора светска војна, како и во годините кога се забележани поголеми конфликт, Нобеловиот комитет одлучил да не се доделува наградата за мир. Така во 1914, 1915, 1916, 1918, 1923, 1924, 1928, 1932, 1939, 1940, 1941, 1942, 1943, 1948, 1955, 1956, 1966, 1967 и во 1972 година не е доделена Нобеловата награда за мир. Комитетот е составен од пет членови именувани од норвешкиот Парламент, чиј мандат е шест години. Тие се независни од Парламентот. Законодавци, академици, поранешни лауреати за мир, директори на мировни истражувачки институти и актуелни и некогашни членови на Нобеловиот комитет се меѓу оние кои имаат право да предложат кандидати. Нобеловата награда за мир досега трипати ја има добиено Меѓународниот комитет на Црвениот крст во 1917, во 1944 и во 1963 година, додека Канцеларијата на Високиот комесаријат на Обединетите Нации за бегалци ја доби двапати, во 1954 и во 1981 година. Најмладиот лауреат за мир е Малала Јусафзаи, која имаше 17 години кога беше наградена во 2014 година. Најстариот е Џозеф Ротблат, награден на 87-годишна возраст во 1995 година. Во 1973 година добитници на Нобеловата награда за мир се виетнамскиот и американскиот политичар, Ле Дук То и Хенри Кисинџер за постигнатиот мировен договор, со кој заврши војната во Виетнам. Покрај овогодишниот белорускиот активист Бјалјацки, уште тројца лауреати биле во затвор кога добија награди. Германскиот пацифист и новинар Карл фон Осиецки во 1935, мјанмарската опозиционерка Аунг Сан Су Чи во 1991 и кинескиот активист Лиу Ксиаобо во 2010 година. Досега само една Нобелова награда за мир е доделена постхумно, на Даг Хамарскјолд во 1961 година. Од 1974 година одлучено е наградата да не се доделува постхумно, освен доколку смртта се случи по нејзиното објавување. Имињата на номинираните за Нобелова награда за мир може да не бидат објавени 50 години. Сега е познато дека Јосиф Сталин бил номиниран двапати, а Адолф Хитлер бил номиниран во 1939 година. Махатма Ганди бил номиниран во 1937, 1938, 1939, 1947 и во 1948 година, непосредно пред неговиот атентат. Во 2016 година имало рекордни 376 номинации за 228 лица и 148 организации. Додека годинава имаше 343 номинации. Лауреатите добиваат пари, а годинава наградата е во вредност од вкупно 10 милиони круни (900.000 американски долари). бд/ми/

Остани поврзан