• четврток, 26 декември 2024

Фадил Зендели разрешен од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата

Фадил Зендели разрешен од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата
Скопје, 3 март 2022 (МИА) - Со 61 гласа „за“, без ниту еден против и без воздржани, Собранието ја донесе одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Движењето „Беса“ од член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не беа присутни во собраниската сала и не гласаа. Откако работата по  64-та седница  продолжи со расправа за Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за животната средина, во второ читање, во салата влезе координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Никола Мицевски кој побара еден час пауза и обвини дека „се демонстрира сила и надмоќ“. Тој праша што се направило со над 400 амандмани испратени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до архива и се уредно примени и побара писмен одговор. Образложи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и целата опозиција не бранат пратеник, ентитет или одредена политичка партија туку, како што рече, ја брани и сака да ја заштити процедурата која вие упорно ја кршите во оваа парламентарна зграда. Претседателот на Собранието Талат Џафери пред да прогласи едночасовна пауза рече дека амандманите се доставени и тој како претседател на Парламенот има рок од три дена да ги разгледа. Нагласи дека тој рок не е надминат, дека треба да се прегледаат сите амандмани и во дадениот рок ќе добијат соодветен одговор. Во денешната расправа доминираа ставовите на власта дека опозицијата три дена му се додворувала на пратеникот Фадил Зендели, кој своеволно преминал во опозиција, а беше дел од Коалицијата „Можеме“.  Според СДСМ, граѓаните не сакаат предвремени избори, кога во земјава имаме енергетска, економска и Ковид-криза. Снежана Калеска - Ванчева од СДСМ рече дека три дена расправаат за одлука со која, како што рече, ќе треба да се воспостави балансот на вистинска застапеност на политичките партии во таа комисија. Таа ги праша пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зошто сакаат да имаат мнозинство во оваа Комисија, кога, како што рече, знаете дека деловнички не ви следува. Според неа, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не им е грижа за квалитетот на Фадил Зендели, туку знаат дека со седум гласа ќе можат да ја надгласаат власта и како што рече, „ќе можете да избирате и понатаму судии од тефтерчињата, функционери и останати кои треба да ве заштитат вас и вашата политичка опција“. Претседателот на Собранието Џафери ја прекина седницата и најави дека за нејзиното продолжување пратениците дополнително ќе бидат известени. За во наредните два часа најави седница за Предлог-декларација за состојбата во Украина. Истакнувајќи дека Декларацијата е доставена до него апелираше пратениците да бидат достапни и да очекуваат нова седница. мд/лв/  

Остани поврзан