У17: Македонските фудбалерки со убедлив триумф стартуваа во Лига Б
- Македонската женска фудбалска репрезентација до 17 години попладнево во Скопје ја совлада Молдавија со 5-0 (1-0) во воведниот натпревар во групата Б6 во рамки на Б дивизијата на Лигата на УЕФА.

Скопје, 6 март 2025 (МИА) – Македонската женска фудбалска репрезентација до 17 години попладнево во Скопје ја совлада Молдавија со 5-0 (1-0) во воведниот натпревар во групата Б6 во рамки на Б дивизијата на Лигата на УЕФА.
Избраничките на селекторот Катерина Милеска од самиот почеток доминираа на теренот на ФФМ тренинг комплексот „Петар Милошевски“ и со убедлив триумф ги стартуваа квалификациите за пласман во елитната дивизија во Лигата на УЕФА:
Настасја Накова постигна хет – трик (29 минута, 51, 77), а со по еден гол во победата придонесоа Калина Попески (54) и Ева Величкова (66).
Следен противник на Македонија в среда ќе биде репрезентацијата на Словенија, која претходно в недела во рамки на второто коло ќе игра против Молдавија.
Пласман во елитната дивизија ќе обезбедат првопласираните репрезентации во шесте квалификациски групи, како и најдобро второпласираната селекција. ег
ФОТО: ФФМ