• четврток, 19 декември 2024

Уште една тешка ноќ на Евија

Уште една тешка ноќ на Евија
Атина, 10 август 2021 (МИА) – Жителите на повеќе села на грчкиот остров Евија, каде што пожарите се уште не се ставени под контрола, ноќта ја поминаа заедно со пожарникарите, во обид да го ограничат ширењето на пожарот, а во други села пак, во обиди да постават барикади за да спречат огнената стихија да стигне до нивните куќи и имоти, јави дописничката на МИА од Атина. -Младите динамично се организираат. Интервенираат каде што има мали жаришта и ги ослободуваат противпожарните сили за гасењето на главните жаришта, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Истиеа-Едипсос Јанис Конѕијас. Претпладнево, жителите на областа Асимини, од бројот за итни случаи 112 добија порака да се евакуираат. Според противпожарната служба на Грција, во северниот дел на Евија во пожарите интервенираат 873 пожарникари со 50 пешадиски тима и 229 возила, вклучително и силите што беа испратени од други земји. Поконкретно, на островот се 40 пожарникари со две возила од Кипар, 39 пожарникари, 14 возила и брза помош од Србија, 100 пожарникари од Украина, 75 пожарникари со 30 возила од Словачка и 143 пожарникари со 46 возила до Полска. За интервенција од воздух, на располагање се 14 хеликоптери, од кои три се од Србија, два од Швајцарија и два од военото воздухопловство на Египет. Пожарот во северниот дел на островот Евија избувна на 3 август. ср/сд

Остани поврзан