• четврток, 26 декември 2024

Уште еден тенисер изјави дека нема да се вакцинира

Уште еден тенисер изјави дека нема да се вакцинира
Москва, 13 мај 2020 (МИА) - Рускиот тенисер Карен Хачанов изјави дека не сака да се вакцинира против коронавирус. Светскиот бр.15 е втор тенисер за кој се знае дека има таков став на деликатната тема, откако минатиот месец лидерот во ранглистата на АТП, Новак Ѓоковиќ објави дека е против вакцинирање. Хачанов, кој моментно е трет рекет на Русија, учествуваше во разговор во живо на Инстаграм со новинарката Марија Команднаја. - Ако се создаде вакцина за коронавирусот, тие прво мора да ја тестираат, на пример една година. Но, дури и во теорија, јас би одбил вакцинација, рече 23-годишниот играч, цитиран од „sovsport.ru“. Хачанов исто така рече дека не очекува професионалната тениска сезона да продолжи пред септември. - Ако треба да ги погледнеме работите трезвено, тениските турнири ќе се вратат во септември најрано. Ова е во најдобар случај. Тука е покомплицирано отколку во другите спортови затоа што треба да летаме цело време, рече Хачанов. Тој го сподели и своето мислење за големото трио во тенисот - Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. - Од големите тројца, најтешко ми е да играм против Надал. Неколку пати бев близу до победа против него, но јас никогаш не го победив Рафа. На теренот разбирате дека он е машина. Во решавачките моменти тој не прави грешки, не ве пушта. Тој е како булдог, рече Русинот.

Тагови

Остани поврзан