• среда, 27 ноември 2024

Училиштата собраа речиси 10 тони пластична амбалажа за рециклирање во наградниот предизвик на НЛБ Банка

Училиштата собраа речиси 10 тони пластична амбалажа за рециклирање во наградниот предизвик на НЛБ Банка
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Во наградниот предизвик за собирање на пластична амбалажа за рециклирање, кој НЛБ Банка Скопје го организираше по повод „Месецот на штедење“, основните училишта ширум земјата собраа речиси 10 тони пластика која понатаму е испратена на рециклирање. Во едномесечната акција на НЛБ Банка Скопје, која се одвиваше од 27 септември до 25 октомври 2021, се вклучија вкупно 70 училишта на територијата на целата земја, од кои 34 во Скопје, а 36 во останатите градови ширум државата. Акцијата во Скопје, како што соопшти НЛБ Банка, се реализираше во соработка со Пакомак, а во градовите низ земјата со поддршка на локални постапувачи со отпад и јавните комунални претпријатија кои беа задолжени за мерење на собраниот отпад и транспорт до колективните центри за складирање и рециклажа. Трите основни училишта кои во текот на акцијата собраа најмногу пластичен отпад, НЛБ Банка Скопје ги наградува со парични средства наменети за унапредување на условите во училиштето и наставно-образовниот процес. Согласно евиденцијата на количина собрана пластика, првата награда во висина од 3.000 евра ја доби ОУ „Кирил и Методиј“ од Кочани, со собрани 930 кг., втората награда од 2.000 евра ја доби ОУ „Тошо Велков Пепето“ од Кавадарци, со собрани 705 кг, а третата награда од 1.000 евра е доделена на ОУ „Блаже Коневски“ од Велес, со собрани 584 кг. пластика. Годинава, НЛБ Банка одбележа 10 години од отпочнување на проектот „НЛБ Месец на штедење“, посветувајќи го јубилејот на темата „Да ја сочуваме нашата планета“, што во целост кореспондира со заложбите и активностите на Банката за општествено одговорно делување, заштита на животна средина и одржлив развој. Една од целите во годинешната акција беше да се сврти вниманието на јавноста колку е важно децата уште од најрана возраст да научат да селектираат отпад и да рециклираат и на тој начин да придонесат кон зачувување на животната средина и природните ресурси. НЛБ Банка Скопје изразува благодарност до сите основни училишта и учениците кои се вклучија во акцијата и со својот придонес помогнаа во остварување на извонреден резултат - селектирани и рециклирани речиси 10 тони пластика. мс/са/

Остани поврзан