• среда, 25 декември 2024

Училиштата од општина Карпош ќе компостираат органски отпад од растително потекло

Училиштата од општина Карпош ќе компостираат органски отпад од растително потекло

21 март 2024 

Поттикнати од соработката со невладини здруженија кои работат на проекти од областа на екологијата, Општина Карпош набави 10 ротирачки компостери кои ги постави во дворните места на сите основни училишта, кои се во нејзина надлежност. Станува збор за уреди од француско производство составени од два ротирачки барабани со волумен од 190 литри (секој), кои можат безбедно можат да ги користат и помалите ученици. Покрај одржување на здравата животна околина, на овој начин компостот кој ќе се произведе во овие садови ќе послужи за уредување на училишните дворови. Гледано од едукативен аспект, основците практично се запознаваат со процесот на компостирање на органски материи од растително потекло, но исто така стекнуваат и добри практики за паметно управување со отпадот преку селектирање на отпадните органски материи и остатоци од храна.

Набавката на десетте компостери ја чинеше локалната самоуправа околу 480.000 денари, а истата е дел од Локалниот еколошки акционен план 2 за 2023 година, којшто го спроведува Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош.

 

По тој повод денеска во рамки на ООУ „Димо Хаџи Димов“, претставниците од Секторот за екологија и енергетска ефикасност и членовите од Здружението „Центар за ресурси во животната средина - РЕЦ“, го презентираа проектот „Заедно во акција за селектирање, реупотреба, рециклирање и компостирање“. Имено, во рамки на овој проект кој го имплементираше тимот на РЕЦ, беа одржани работилници во сите основни училишта во Карпош, каде основците и наставниот кадар се запознаа со начините на селекција и одвојување на отпадот. Притоа, беа посочени и придобивките од процесот на примарна селекција на органскиот отпад преку селектирање, реупотреба и рециклирање и компостирање.

 

Инаку, претставниците на основните училишта во Карпош добија и прирачници за правилно компостирање и искористување на компостот, како и инфографици за начинот на селекција, реупотреба и рециклирање на отпадот, кои беа изработени во рамки на проектот. На денешниот настан, основците од Карпош ги изложија своите ликовни творби кои беа тематски ориентирани според проектот „Заедно во акција за селектирање, реупотреба, рециклирање и компостирање“. Во оваа пригода, најдобрите и најкреативните ликовни творби беа соодветно наградени од страна на комисијата за избор.

 

На средбата беше потпишан и Меморандум за соработка со кој Општина Карпош се вмрежува со граѓанските здруженија ЦеПроСАРД, Центарот за одржлив развој – Алка и Здружението Реди, со цел заедничко дејствување во областа на екологијата и зачувувањето на животната средина.

Општина Карпош

Одделение за односи со јавноста

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Општина Карпош 

 

Остани поврзан