• четврток, 26 декември 2024

Училиштата во Струмица лани заштедилe повеќе електрична енергија во споредба со преклани

Училиштата во Струмица лани заштедилe повеќе електрична енергија во споредба со преклани

Струмица, 10 февруари 2023 (МИА) - Трите средни и десетте основни општински училишта во Струмица заштедиле повеќе електрична енергија во споредба со месец декември лани и преклани.

Ова го соопштија попладнево од Општина Струмица, од каде информираат дека заштедите ги покажале првите позитивни резулати по склучените договори за снабдување со електрична енергија со ЕСМ по цена од 95 евра за мегават час.

- Првите анализи се направени за месец декември минатата година, а споредбата со истиот месец во 2021 година покажала дека скоро сите училишта платиле помалку за потрошена електрична енергија. Највисок процент на намалена давачка за потрошена електрична енергија има во средното општинско училиште „Никола Карев“ со 81 отсто, па следуваат интернатот во средното училиште „Димитар Влахов“ со 78 отсто, основните училишта „Маршал Тито“ од Струмица со 76, „Даме Груев“ од Куклиш со 74, „Никола Вапцаров“ со 66, „Сандо Масев“ со 59, „Гоце Делчев“ од Вељуса со 49 отсто. Во најголем дел од училиштата е регистрирана и значително намалена потрошувачка на електричната енергија во однос на истиот период од претходната година, стои во информацијата од Општината.

Оттаму додаваат дека Струмица е пионер во обновливите извори на енергија и пред започнувањето на енергетската криза. Имено, Основното општинско училиште „Сандо Масев“ пред неколку години постави фотоволтаици за сопствени потреби, со што ги преполови давачките за потрошена електрична енергија.

- Воден од ваквото позитивно искуства, но и цврстата решеност предизвиците од енергетската криза да ги претвори во нови можности, бидејќи Општина Струмица има потенцијали и капацитети, градоначалникот Костадин Костадинов иницираше, а Советот на општина Струмица изгласа одлука со која ЈПКД „Комуналец“ може да ја започне постапката за фотонапонска централа за која веќе има изработено физибилити студија со моќност од 2,2 мегавати и ќе донесе голем бенефит за Општината и за граѓаните. Оваа фотонапонска централа ја прави Струмица прва општина во државата која ќе биде комплетно независна во задоволувањето на потребите од електрична енергија, со додава во информацијата.

Потенцираат дека решенијата на Општината успешно се вклопуваат во стратешките и системските мерки на Владата со кои државата се насочува кон стратешко и одржливо домашно производство на храна и енергија, користејќи ги природните потенцијали на нашата земја. рт/ар/

Остани поврзан