• сабота, 28 декември 2024

Ученици од кумановското средно училиште „Перо Наков“ се обучуваат за ткаење

Ученици од кумановското средно училиште „Перо Наков“ се обучуваат за ткаење

Куманово, 10 јуни 2024 (МИА) - Ученици од кумановското средно стручно училиште „Перо Наков“ се обучуваат за ткаење, преку проектот „Промовирање на женската иновација и креативност на пазарот“. Учениците на денешната работилница насловена „Заживување на традицијата на ткаење на разбој“ со Дамјан Ристовски ги презентираа стекнатите знаења пред наставниците, обучувачите, амбасадорот на Словенија во земјава и претставници на здружението „Добредојде Македонија Центар“. 

Aмбасадорот на Словенија, Грегор Прескер рече дека проектот е продолжение на претходен со кој се обучиле жени од повеќе градови.

-Сметме дека е добар проектот, бидејќи има интерес меѓу учениците и пред сè за жените од ранливите групи за да научат и полесно да се вклучат на пазарот на труд во земјава. Имаповеќе работилници низ градовите. Во Словенија, исто така. се поддржуваат старите занаети преку различни проекти, бидејќи не смеат да се заборават и се потенцијална можност за отворање нови работни места, а тука е и поттикнувањето на креативноста, изјави Прескер.

Проектот има за цел да ги зајакне уениците и жените преку развивање на нивните занаетчиски вештини и унапредување на нивните стратегии за маркетинг на производите. Учесниците на обуката се обучуваат за мануелните вештини како шиење, плетење, везење и ткаење. Програмата е дизајнирана да се фокусира на практични вештини кои учесничките можат директно да ги применат во нивните идни бизниси. Ќе бидат вклучени жени, ранливи категории од  Битола, Куманово, Скопје и Струмица, помагајќи им да растат и економски и социјално преку стекнување на нови знаења и искуства.

-Целта е да се вклучат учениците во усовршувањето на мануелните вештини и како да се едуцираат да се самовработат. Предвидени се едукции, семинари за брендирање на производот, да успеат во време на дигиталната ера да ги продадат продуктите. Од неколкумина кои ја знаат вештината на ткаењето, бидејќи е во изумирање, успеавме да го поттикнеме овој занает за кој се заинтересирани самите ученици, изјави Емилија Миладинова Аврамчев од „Добредојде Македонија Центар“.

Во рамки на обуката учениците користат рециклирани материјали, што овозможува да се намали текстилниот отпад.

Директорката на училиштето, Мила Жибак Димковска кажа дека училиштето има соодветна опрема за да учениците изработуваат различни текстилни работилници.

-Преку овој проект додаваме дополнителна вредност, искуство кај учениците преку практична настава, со што стануваат поатрактивни на пазарот на трудот, изјави Жибак Димковска

Професорката по група предмети од текстилно-кожарска струка, Викторија Крстевска појаснува дека во прва година учениците се едуцираат за технологија на ткаење, а производите ќе бидат презентирани на базари. Дел од изработките ќе се користат за креирање на модели. ам/сст/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан