• четврток, 19 декември 2024

Учениците се враќаат во училиштата, почнува второто полугодие

Учениците се враќаат во училиштата, почнува второто полугодие
Скопје, 1 февруари 2022 (MИА) – По едномесечниот, продолжен зимски распуст, околу 255 илјади ученици денеска се враќаат во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот од  КОВИД-заразата, наставата не почна на 20 јануари и беше одложена за десетина дена по препорака на Главниот координативен кризен штаб и со одлука на Владата. И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и  полагањето на двата екстерни  испита закажани за 4 и 13 јуни. Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка. Првата детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на  новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон. Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство. – Според нашите податоци, нема потреба од онлајн-учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките, рече Сали во петокот кога најави скрининг по случаен избор меѓу учениците како превентивна мерка. Вчера тој соопшти дека Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува како и кога ќе се реализира скринингот во училиштата, а ќе го спроведат центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи. И ресорниот министер Јетон Шаќири укажа дека состојбата постојано ќе се следи и МОН ќе биде во постојана комуникација со Комисијата за заразни болести и со Кризниот штаб. Тој во средата изјави дека одлуката ќе била лесна ако била истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври, затоа што во првото полугодие заразата во училиштата беше стабилна и, според малиот број на новозаразени и активни случаи, училиштата не биле средини каде што таа се шири. -Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени. МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта, изјави Шаќири, посочувајќи притоа и дека градинките се постојано отворени, а функционираат и други сектори. Во донесувањето на одлуката предвид е земен и повикот на УНИЦЕФ училиштата да бидат отворени поради придобивките од физичкото присуство на наставата. По одлуката на Владата од 17 јануари за одложување на стартот на второто полугодие, Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава веднаш повика тоа да биде привремена мерка. Претставничката Патриција ДиЏовани во пишана изјава до медиумите нагласи дека отворањето на училиштата треба да биде приоритет за целата држава затоа што децата се соочуваат со поголеми ризици кога се надвор од училиште отколку во училиште. Таа смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата. -За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01 процент нови случаи дневно кај учениците и 0,03 проценти кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2600 на 11 000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците, наведе ДиЏовани. Предупреди и дека уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата зашто и пред пандемијата на КОВИД-19, како што посочи,  Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето и повеќе од половина од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика. -Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период. Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо, истакна претставничката на УНИЦЕФ. Со претставништвото на УНИЦЕФ и со Комисијата за заразни болести се согласува и Сојузот на средношколци кој вчера ја поздрави одлуката за настава со физичко присуство. На Генерално собрание Сојузот едногласно го потврдил својот став од пред две години дека наставата треба да се одвива во училиштата, а во најлоша ситуација препорачува да биде комбинирана, а не целосно онлајн. - Првото полугодие помина целосно со физичко присуство, а стапката на заразеност беше екстремно ниска – факт што покажува дека училиштата биле најбезбедните средини за средношколците. Веруваме дека полугодието не треба да почне на далечина, туку во самите училишта бидејќи наставата ќе биде квалитетна и интерактивна, оценката ќе биде валидна, физичкото здравје ќе биде зачувано, менталното здравје ќе биде запазено, социјализацијата меѓу средношколците ќе продолжи да биде во училиште. Ваквата одлука е потребна за образованието да биде државен приоритет број еден, соопшти Сојузот на средношколци. хс/са/      

Остани поврзан