• недела, 24 ноември 2024

Учениците од Малатја ќе ја почнат школската година во новото училиште „Северна Македонија“, донација од МATTO

Учениците од Малатја ќе ја почнат школската година во новото училиште „Северна Македонија“, донација од МATTO

Скопје, 20 јули 2023 (МИА) - Средношколците од турскиот град Малатја што на почетокот на годинава беше погоден од катастрофалниот земјотрес, претстојната учебна година ќе ја почнат во новото училиште кое ќе го носи името „Северна Македонија“, донација од Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО).

МАТТО денеска во Скопје го потпиша Протоколот за соработка за изградба на училиштето кое ќе биде целосно во функцја од 15 септември. Изградбата е во тек, а се реализира со поддршка на Министерството за образование и наука и Црвениот Крст на Република Северна Македонија, како и со поддршка на Сојузот на турски невладини организации во земјава (МАТУСИТЕБ) и Здружението ЕСНАФ.

Донацијата е во висина од еден милион евра и во неа учествуваат сите членки на МАТТО.

Школото ќе биде на површина од 8 656 метри квадратни, а е предвидено да има 24 училници кои ќе бидат именувани по македонски градови, Скопје, Тетово, Охрид, Штип, Куманово,... Тоа, според МАТТО, ќе го симболизира духот на пријателството и соработката меѓу двата народа.

Протоколот беше потпишан од страна на МАТТО и министрите за образование и за труд и социјална политика на Република Турција, Јусуф Текин и Махи Нур Ѓокташ. Како што е определено од донаторот, името на училиштето „Северна Македонија“ нема да може да се менува сé додека постои училишната зграда.

-Потпишувањето на овој протокол означува длабока посветеност за негување на образованието и обнова на заедниците погодени од катастрофалниот земјотрес. Заедничките напори на МАТТО, Министерството за образование на Република Туркије и поддршката дадена од Министерството за образование, Црвениот крст на Македонија, МАТУСИТЕБ и ЕСНАФ, ја покажуваат моќта на соработката и солидарноста за позитивно влијание врз животите на безброј млади и обезбедување посветла иднина за жителите на Малатија. Имињата на училниците ќе бидат според градови во Северна Македонија.  На овој начин, не само што ќе се почитува богатото наследство на Северна Македонија, туку и ќе се инспирираат учениците да ја прифатат различноста и да негуваат меѓународно разбирање, наведува МАТТО. мч/лв/

фото: МАТТО

Остани поврзан