• сабота, 23 ноември 2024

Учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ можат безбедно да стигнат во училиште

Учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ можат безбедно да стигнат во училиште
Скопје, 23 ноември 2022 (МИА) - Глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“ од општина Гази Баба можат безбедно да стигнат во училиште. Булеварот „Александар Македонски“ доби семафори, а претходно на делот со фреквентната улица „Благоја Стефковски“ беа поставени лежечки полицајци, знаци и вибрациски ленти за намалување на брзината. Ова е резултат на барањата на глувите и наглувите ученици од Клубот за демократско учество уште пред повеќе од една година. Активистите од Младинскиот образовен форум (МОФ) застапуваа за ваквото решение бидејќи младите, кои не можат да ги чујат сирените на возилата, беа изложени на опасност и никаде не беше означено дека во близина се наоѓа училиште со ученици со оштетен слух и говор. Како што информира Младинскиот образовен форум (МОФ), опасноста доаѓаше и од фактот што булеварот „Александар Македонски“ продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од Скопје. Поради ова во март 2021 година со поддршка на директорите на ДУЦОР „Партенија Зографски“ и СЕТУ „Михајло Пупин“ беа контактирани релевантните институции. Клубот за демократско учество доби позитивен одговор за поставување сообраќајна сигнализација, светлосни знаци, платоа за смирување на сообраќајот, ознаки за „школо“ и сл. МОФ апелира до надлежните органи ваквите процеси во иднина да се одвиваат што е можно побрзо, проблемите на младите да се сфаќаат сериозно и глувите ученици да имаат еднаков пристап до образовните институции, како и нивните врсници. Исто така МОФ апелира и до граѓаните да се придржуваат до правилата и прописите за возење и да внимаваат на сообраќајната сигнализација и безбедноста на патот. Во последните пет години на улиците во Гази Баба имало повеќе несреќи. На „Благоја Стефковски“ се случиле 113 сообраќајни несреќи со телесни повреди, 9 со тешки телесни повреди и едно лице кое трагично го загубило животот. На булеварот „Александар Македонски“ пак, имало 240 сообраќајки со телесни повреди, 26 со тешки телесни повреди и шест лица трагично го загубиле животот. -Иако овие податоци се однесуваат на целиот потег на улиците, не само околу училиштето, сепак го покажуваат ризикот за учениците во сообраќајот, се наведува во соопштението од МОФ. мд/са/

Остани поврзан