Учениците и децата во градинките во Штип ќе учат како се селектира отпад
- Ќе се започне со едукативни настани на кои преку видео-презентација на децата од градинките и основните училишта ќе им се претстави и објасни селекцијата на отпадот.
Штип, 24 април 2023 (МИА) - За решавање на проблемот на проблемот за селектирање на отпад, Општина Штип во соработка со „Пакомак“ од утре започнува да спроведува проект за едукација на најмалите во однос на селектирањето. Ќе се започне со едукативни настани на кои преку видео-презентација на децата од градинките и основните училишта ќе им се претстави и објасни селекцијата на отпадот. Со цел градење здрави навики, утре во градинката „Вера Циривири – Трена“ ќе бидат поделени и здрави слатки работи.
Проектот во ваква форма ќе трае до крајот на тековната учебна година, а од есен повторно ќе следат настани во областа на зачувувањето на животната средина. Резултатите треба да бидат долгорочни, односно да се видат и по три или пет години.
Комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков на денешната прес-конференција истакна дека мал број на граѓани во Штип вршат селекција на отпад, а најчесто се селектира стаклото. Посочи дека една од причините за тоа е недоволниот број садови или т.н. ѕвона за селекција на отпад на територија на општината, но и недоволната едукација и заложба од страна на граѓаните.