• четврток, 26 декември 2024

Учениците заинтересирани за упис во МИГ, до 31 мај да се пријават за приемен испит по математика и физика

Учениците заинтересирани за упис во МИГ, до 31 мај да се пријават за приемен испит по математика и физика

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука објави повик за полагање приемен испит на учениците заинтересирани за запишување во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во учебната 2024/2025 година.

Најдоцна до 31 мај 2024 тие до Државното средно училиште „Математичко-информатичката гимназија“ треба да пратат Писмо на интерес за приемен испит, кое е  достапно за преземање на веб-страницата на МОН. 

Ќе полагаат приемен испит по два предмета - математика на 7 јуни и физика на 11 јуни,  во просториите на средното училиште „Здравко Цветковски“-Скопје каде што и се реализира наставата на МИГ. 

Според условите наведени во повикот, во Математичко-информатичката гимназија може да се запишат ученици со оценка од најмалку 4,5 за општ успех од шесто до деветто одделение во основното образование и оценка 5 по математика од шесто до деветто и по физика од осмо и деветто одделение.

Потврдата со бројот на освоени бодови од приемниот испит по двата предмета, учениците треба да ја достават на пријавувањето за упис во училиштето. 

-Приемниот испит се состои од полагање тестови согласно наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение. Кандидатот/кандидатката писмено се проверува со два поединечни теста по математика и по физика и секој од нив треба да содржи по четири задачи со понудени одговори, четири задачи со дополнување и четири задачи со целосна постапка на решавање, наведува МОН во објавениот повик. 

Според Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2024/2025 година, за Математичко-информатичката  гимназија е предвидено во прва година да се запишат 68 ученици во две паралелки - по 34 ученици за настава на македонски и на албански јазик. хс/са/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан