Ученикот Марко Томоски меѓу најдобрите математичари во светот
- Младиот охриѓанец Марко Томоски освои бронзен медал на престижниот меѓународен натпревар за млади математичари International Youth Math Challenge.
Охрид, 23 февруари 2026 (МИА) – Младиот охриѓанец Марко Томоски освои бронзен медал на престижниот меѓународен натпревар за млади математичари International Youth Math Challenge.
Тој со само 12 години во категоријата млади математичари до 16 години ја освои престижната награда во силна конкуренција од 9.800 учесници од целиот свет. Со освоени 23 поени Марко се пласираше меѓу најдобрите седум проценти од сите учесници и меѓу најдобрите 60 проценти од финалистите, резултат што добива уште поголема тежина ако се земе предвид дека се натпреваруваше со ученици до четири години повозрасни од него.
Со тоа го освои и престижното второ Национално место за Македонија, потврдувајќи дека станува збор за еден од најперспективните млади математичари во земјата.

Марко веќе интензивно се подготвува за нов предизвик – учество на меѓународна математичка олимпијада што ќе се одржи во Ахшабат, во Туркменистан, во периодот од 8 до 13 април, каде повторно ќе ја претставува Македонија на светската сцена.
Неговиот талент беше препознаен минатата година кога стана државен првак по математика за 6-то одделение во Македонија, што беше јасен сигнал дека пред него стои блескава иднина.
-Математиката е моја страст и најголем предизвик. Сакам да напредувам, да учам од најдобрите и гордо да ја претставувам Македонија. Ова е само почеток- изјави младиот охридски шампион.
Со вакви резултати на само 12 години, Охрид добива уште една причина за гордост, а Македонија – нова надеж на математичката сцена. аб/дма/
Фото: МИА